(Галерија) Почит кон основоположниците на модерната македонска уметност – „Париски рефлексии“ во Чифте амам

Влијанието на Париз се чувствува кај Димитар Пандилов Аврамовски, Лазар Личеноски, Никола Мартиновски, со директни или индиректни влијанија врз импресионизмот кај првиот, преку делата на Клод Моне, фобизам и кубизам кај Личеноски и експресионизмот кај делата на Никола Мартиновски


Автопортрет на Никола Мартиновски/ Фото: Б. Грданоски

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Франкофонијата, од денеска во изложбениот простор Чифте амам е отворена изложбата „Париски рефлексии“, која содржи на македонски уметници кои живееле и работеле во Париз меѓу двете светски војни.

 

Фото: Б. Грданоски

Министерската за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска истакна дека отварајќи ја оваа изложба токму денеска, ја потенцираме поврзувачката сила што како мост ја има Франкофонијата, зближувајќи ги народите од сите континети на светот.

Фото: Б. Грданоски

– Една дефиниција вели дека Франкофонијата е империја на духот, во која сонцето никогаш не заоѓа. Денес, да се биде член на семејството од 220 милиони франкофони од целиот свет, претставува чест и обврска. Со одбележување на овој ден, сите чувствуваме посебна одговорност кон она што го славиме, рече Костадиновска-Стојчевска во своето обраќање по повод отворање на изложбата.

Дело на Лазар Личеноски/ Фото: Б. Грданоски

Со изложбата „Париски рефлексии“, која во себе ја носи симболиката на Франкофонијата, според министерката, на посебен начин оддаваме почит и кон основоположниците на модерната македонска уметност, кои одреден период живееле и работеле во Париз.

Дело на Томо Владимирски/ Фото: Б. Грданоски

Франкофонијата, како што посочи таа, низ годините прерасна во мисија, која го промовира францускиот јазик и култура но и јазична разновидност, мир, демократија, човекови права.

– Делата на Димитар Пандилов Аврамовски, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски се раскошен приказ на големината на творечкиот дух, развиорен во центарот на светската уметност во периодот меѓу двете светски војни. Престојот на овие уметници во Париз, еден од главните центри на уметноста во 20 век, бил исклучително важен за развојот на нивниот пристап на уметноста, додаде министерката.

Меѓу гостите и академик Влада Урошевиќ/ Фото: Б. Грданоски

Министерката напомена дека делата на овие уметници се вратата низ која влегува модернизмот на овие простори. Тие самите пак, потенцираше, основоположниците на современото македонско сликарство под влијанието на Париската школа оставија длабоки траги во создавањето на модерното европско македонско општество.

– Бидејќи мобилноста на уметниците е клучна за нивниот креативен развој, нашата држава ги открива тајните пријателски врски со Париз, преку престојот на нашите уметници во македонско ателје во маѓународниот град на уметностите кој функционира од 2002 година, додаде министерката.

Дрита Старова Ќерими, директорката на Националната галерија во разговор со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска/ Фото: Б. Грданоски

Директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими посочи дека француската култура и уметност од секогаш биле императив и пример за нашите уметници. Тоа, како што рече, одлично се согледува преку оваа изложба, во која се претставени влијанијата на таканаречената Париска школа, при развојот на македонската уметност од првата половина на 20 век.

– Поуките од Париската школа во македонската модерна уметност се и повеќе од живи и се уште живо се протојуваат низ делата на нашите најеминентни претставници на модернизмот. Париската школа е назив за сите уметници, кои по Првата светска војна и помеѓу двете светски војни престојувале во Париз и оттаму извршиле големо влијание во развојот на модерната уметност. Во Париската школа спаѓаат уметници од различни стилски правци, како фобизам, кубизам, надреализам, како и претставници на енформелот, додаде директорката.

Автопортрет на Димитар Пандилов/ Фото: Б. Грданоски

Според неа, оваа школа и уметност на Париз вршат големо влијание врз лицето и развојот на македонскиот модернизам и уметноста од почетокот па се до средината на 20 век, бидејќи, како што рече, македонските современи уметници оделе во Париз на специјализации и студиски престој, со цел да ги усовршат академските поуки стекнати во регионалните универзитети а академии за ликовни уметности.

– Тука спаѓаат пред се основоположниците на македонската современа уметност – Димитар Пандилов Аврамовски, Лазар Личеноски, Никола Мартиновски, со директни или индиректни влијанија врз импресионизмот кај првиот, преку делата на Клод Моне, фобизам и кубизам кај Личеноски и експресионизмот кај делата на Никола Мартиновски. И кај втората и третата генерација македонски едуцирани уметници се чувствува влијанието на Париз, посочи директорката на Националната галерија.

Дело на Никола Мартиновски/ Фото: Б. Грданоски

Како што рече, останува надежта дека оваа суштинска културна соработка ќе се рефлектира и во другите свери од општественото битисување, а следствено на тоа и со оглед на фактот што сме биле блиски до Европа, ќе ни се отвори патот кон нашата европска иднина кон која се стремиме.

Фото: Б. Грданоски

Амбасадорот на Франција во земјава Сирил Бомгартнер во своето обраќање напомена дека влијанието на Париската школа и на креаторите на модерната уметност беа повеќе од евидентни во сликите на големите мајстори на македонското сликарство од почетокот на 20 век.

– Париз, тој центар на привлечност за сите уметници од целиот свет беше присутен тука во боите, во цртите и потезите на четките во сите истретирани теми во овие слики. Во рамките на размената, заедно со вас, за Париското влијание и различните можности за соработка, ние констатиравме дека оваа колекција и овие уметници навистина заслужуваат уште повеќе да бидат вреднувани, додаде францускиот амбасадор.

Дело на Борко Лазески/ Фото: Б. Грданоски

Изложбата е во организација на Националната галерија, во соработка со Францускиот институт во Скопје.