(Галерија) Фудбалерите на Вардар и Црвена ѕвезда одиграа за настраданите во Кочани
Целата атмосфера, покрај фудбалскиот меч беше збогатена и со присуството на повеќе легенди на двата клуба

Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје одамна не беше исполнета како вечерва на хуманитарниот натпревар помеѓу Вардар и Црвена ѕвезда, кој беше посветен на настраданите во трагичниот пожар во Кочани пред еден месец.
Повеќе од 20 илјади гледачи присуствуваа на овој натпревар, полн со емоции и одавање почит за настраданите во пожарот, а целата атмосфера, покрај фудбалскиот меч беше збогатена и со присуството на повеќе легенди на двата клуба.
На крајот, гостите од Белград ги победија домаќините со 3-1, но резултатот вечерва беше во втор план.
За целата атмосфера придонесоа и присутните на трибините, а меѓу нив и навивачите на Вардар, Комитите со пораката „Благодариме“ испишана на повеќе јазици, меѓу кои на бугарски, грчки, турски…
Средствата собрани од продадените влезници ќе бидат донирани за настраданите од трагедијата во Кочани.
Вардар добро го почна натпреварот, постигнувајќи убав гол од страна на Михаил Маневски, кој погодокот му го посвети на починатиот фудбалер Андреј Лазаров.
Сепак, шампионот од соседна Србија до крајот на првото полувреме го сврте резултатот во своја полза преку головите на Лука Илиќ и Александар Катаи.
На полувремето продефилираа повеќе легенди на двата клуба со долга историја, меѓу кои Илија Најдовски, Бошко Ѓуровски, Драган Канатларовски, Кочо Димитровски, Ѓоре Јовановски, Владимир Петровиќ –Пижон…
Во 61. минута натпреварот беше симболично прекинат, во чест на починатите 61 лице во пожарот во Кочани.
До крајот на натпреварот, Црвена звезда постигна уште еден гол, реализатор беше Урош Сремчевиќ за конечниот резултат 3:1 во корист на црвено-белите.
Натпреварот се одржа еден месец по трагедијата предизвикана од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 61 лице, а околу 200 лица беа повредени.
(Фото: Б. Грданоски)