(Галерија) Блиска средба со кометата Неовајс


Фото: Б. Грданоски

Основното правило за набљудување на кометата е што потемно, тоа подобро. За жал, такво нешто е тешко да се најде, особено во околината на Скопје

Професионалци и ентузијасти, вљубеници во вселената и обични граѓани – очите на многумина деновиве по зајдисонце се насочени кон северозападниот хоризонт, нешто под соѕвездието Голема мечка, во обид да ја „фатат“ кометата чиј официјален назив е Ц/2020 Ф3, но која е многу попозната како Неовајс (NEOWISE), по вселенскиот телескоп кој прв го забележал ова небеско тело на 27 март оваа година.

Нашиот фоторепортер Борис Грданоски синоќа направи извонредни фотографии од Неовајс над езерото Козјак кои на прекрасен начин ја доловуваат убавината на астрофотографијата и на оваа уникатна појава со оглед дека следната блиска средба на Земјата со Ц/2020 Ф3 ќе биде по 6.766 години.

Вечерва кометата ќе биде од нас на околу 103 милиони километри Фото: Б. Грданоски

Вечерва (23 јули) Неовајс ќе биде најблиску до Земјата, но тоа не значи и дека ќе сјае најсилно бидејќи како што објаснуваат астрономите, гасовите кои ја придружуваат најмногу согоруваа кога таа минуваше најблиску до Сонцето, а тоа беше пред неколку недели.

Сепак, скопјани и граѓаните на нашата држава, како и жителите од Северната хемисфера, ќе имаат можност да уживаат во Неовајс уште најмалку две три недели, ако не со голо око, тогаш барем со двоглед или со телескоп.

Следната блиска средба на Земјата со Ц/2020 Ф3, како што е официјалниот назив на Неовајс, ќе биде по 6.766 години Фото: Б. Грданоски

„Кометите се непредвидливи, буквално во еден ден можат народски кажано ‘да се запалат’ и да се гледаат без проблем, или да се угасат одеднаш. Но, Неовајс, со оглед дека е релативно голема комета, не би требало ненадејно да се угаси бидејќи ја помина најблиската средба со Сонцето. Претпоставувам дека со моменталниот тренд, како што се намалува сјајот, би требало да се гледа со голо око барем уште недела до две“, вели Мартин Стојановски од Скопското астрономско друштво.

Тој додава дека ваквите појави сепак не можат да се прогнозираат со сигурност. Со телескоп или со некоја друга придружна опрема, пак, кометата ќе се гледа уште најмалку еден месец.

Долга е околу 5 километри, односно е 400 пати помала од Месечината Фото: Б. Грданоски

„Кометата беше најсјајна кога беше во близина на Сонцето што придонесе гасовите во неа да согоруваат повеќе, а близината на Сонцето за поголема рефлексија и овозможи полесно да се воочи и да се гледа“, вели тој.

Близината на кометата до нашата планета, пак, вечерва ќе овозможи опашката што се гледа да биде најголема, иако технички сјајот на Неовајс е помал.

Скопјани деновиве се во потрага на некое потемно место од каде што ќе можат да ја видат кометата. Многумина тоа го прават од Водно, но проблемот таму е што светлината од градот придонесува малку потешко да се воочи овој вселенски објект.

„Најдобро би било доколку кон север имате чист видик и да нема светлина на хоризонтот“, советува Стојановски.

Инаку, со оглед на ротирањето на Земјата, кометата исто така може да се набљудува во раните утрински часови, пред да изгрее Сонцето, но во тој случај треба да се „бара“ на североисток од хоризонтот.

Јадрото на кометата е покриено со слоеви материјал кој датира од почетоците на Сончевиот систем, значи пред околу 4,6 милијарди години Фото: Б. Грданоски

„Основното правило да се гледа кометата е ‘колку е потемно, толку е подобро’, но кога стануваа збор за Скопје тоа е прилично тешко да се постигне“, вели Стојановски. Дури и од Скопска Црна Гора, иако е многу подобро од Водно, не е идеално, бидејќи има рефлексии од страната на Косово. Водно, во секој случај не е голема препорака, па на оние кои не знаат за соѕвездијата тешко ќе може да им се објасни каде точно да го насочат погледот.

„Бидејќи е темен и маглив објект, а не сјајен како ѕвезда, потребно е и малку искуство да се знае каде да се гледа во даден момент“, советува Стојановски и додава дека оние кои знаат, кометата може да ја пронајдат и од градот.

Со двоглед, пак, можноста да се набљудува кометата е одлична. Двогледите имаат пошироко видно поле и доволно зголемуваат за да се види целата опашка многу појасно и поубаво. Оние поопремените, можат тоа да го прават и со телескоп, кој пак овозможува да се гледа и јадрото на Неовајс.

Фото: Б. Грданоски

Оваа комета инаку е најсветлата во последните дваесетина- триесет години, а од Земјата беше одалечена околу 138 милиони километри. Вечерва, таа ќе биде од нас на околу 103 милиони километри. Долга е околу 5 километри, односно е 400 пати помала од Месечината. Како што објаснуваат од НАСА, нејзиното јадро е покриено со слоеви материјал кој датира од почетоците на Сончевиот систем, значи пред околу 4,6 милијарди години. (М.Ј.)

Фотографии: Борис Грданоски