(Галерија) Автобусите на ЈСП се наредија пред Владата

Нешто пред пладне, пред зградата на Владата се наредија десетина автобуси на ЈСП „Скопје“, како што најави вчера, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Во 5 до 12 часот тие се огласија со свирење.

Додека дел од автобусите се пред Владата, пред МОН нема автобуси на ЈСП, а воедно од последната станица на автобусите со број 27 и 57, во овој момент тие тргнаа на својата секојдневна рута и собираа патници од постојките низ градот.
„Ние сме доведени и загрозени и спрема мал дел кон нашите доверители. Ние мора тие долгови да ги исплатиме. ЈСП СКопје е непрофитабилно претпријатие со бесплатни билети за пензионери, ученици, студенти. Ние добиваме секој месец субвенции од Град Скопје. Јас повеќе би се радувал ако влезам во оптиматизација на возниот ред. Таа не е направена 20 години, тоа сега го работиме“, рече в.д. директорот на ЈСП, Александар Стојковски.
„Оној којшто должи треба да ги исполни своите обврски. Скопјани заслужуваат јавен превоз и ќе го добијат. Вработените во ЈСП заслужуваат плати и дека ќе ги добијат. Градот Скопје стои позади нив. Кон јавното претпријатие стои отворен долг од 120 милиони денари од МОН за линиски превоз, кој се разликува од договорен превоз. Јавното претпријатие ја исполнува својата обврска и не ја прекинало“, рече генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров.
Раководството на претпријатието и секретаријатот на Град Скопје тврдат дека Владата им должи 2 милиони евра, а општините уште 750.000 евра.
Раководството протестира пред Владата, а вработените во кругот на претпријатието.
Африм Муча, претседател на независниот синдикат на возачите во ЈСП Скопје на денешната прес-конференција најави дека утре, рано наутро, заедно со семејствата ќе протестираат пред седиштето на ЈСП, ако денеска не им биде исплатена септемвриската плата, а автобусите нема да возат.
-Утре се договоривме да дојдеме со семејствата во 4.30 часот сабајле. Градоначалничката и Градот Скопје земаа плата, тие се со полни стомаци, ние сме гладни. Денеска е 19-ти, кога ќе добиеме плата, кога ќе јадеме? И ние имаме деца како што таа има деца и како што директорот има деца – рече Муча.
Тој додаде дека не знае кој го организира денешниот протест пред Влада и нагласи дека виновни за тоа што сѐ уште немаат земено плата се Арсовска и директорот на ЈСП.
Данела Арсовска, вчера рече дека пред Владата и пред другите институции ќе паркираат автобуси, кои нема да мрднат од таму додека не се исплатат долговите кон претпријатието.
– Ние ќе отпочнеме со сите постапки кои што се во наша надлежност, а тоа е ќе им ги паркираме автобусите на ЈСП пред Владата и пред останатите институции кои ги блокираат процесите и на тој начин да овозможиме бесплатен јавен превоз за граѓаните и се додека не ги реализираме овие работи кои што тие ги долгуваат нема да се поместат автобусите од пред надлежните институции од каде што треба да се добијат овие средства – рече Арсовска.

Штрајкот на вработените во ЈСП се најавува неколку дена, откако тие соопштија дека платите за септември не им се префрлени.
Од Градот кажаа дека пари за плати нема поради долг кон претпријатието од државните институции, особено од Министерството за образование. Но, подоцна од Владата соопштија дека ова министерство нема долг кон ЈСП, затоа што согласно документацијата на Министерството за образование и наука, тие редовно ги сервисираат своите обврски кон сите субјекти со кои има регулирани законски надлежности, или пак со кои има склучени договори по разни основи кои иницираат финансиски обврски, што не е случај и со ЈСП – Скопје.
Што се однесува на студентските картички за попусти, Законот за високото образование (член 27 став 6) уредува дека Владата може да донесе одлука за посебни погодности за студентите, како што се студентска картичка за попусти, бесплатен градски превоз и друго, пришто средствата се обезбедуваат од државниот буџет. Но, во календарската година не е донесена ваква одлука, од причина што во зимскиот семестар од студиската 2021-2022 година студентите не посетуваа настава со физичко присуство на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје.
Утрово пак, автобусите на ЈСП беа повлечени од сообраќај, откако во претпријатието стигнала закана за поставена бомба во возилата. Полицијата ги проверува возилата, а најавија дека во текот на денот тие постепено ќе бидат враќани во сообраќај.
Заканата била упатена од вработен во претпријатието, кој си ја бара платата, а полицијата го уапси.
Фото: Б. Грданоски