Гала концерт на Вејчеслав Поповски на „Скопско лето“


Во рамки на 46. фестивал „Скопско лето“, вечер ќе се одржи гала концерт „Хармонија во три стила: класика, филм и корен“ на Вејчеслав Поповски во Македонска филхармонија. 

Концертот ќе биде збогатен со настапот на Acies Quartett – културни амбасадори на Австрија, Рихард Рикон – реномиран пијанист од Словачка, и Елена Васова – гостин-сопран.

Вејчеслав Поповски е академски оперски пејач со диплома од ФМУ – Скопје. Тој е и мајстор-градител на гудачки инструменти – виолини кои ги создава со посветеност и визија. На 17 години ја изработува првата виолина користејќи сопствено изработени алати. Неговите инструменти се барани од врвни виолинисти низ Европа и Америка.

Acies Quartett  се официјални културни амбасадори на Австрија. Квартетот е формиран во 2000 година од четворица студенти на Конзерваториумот во Каринтија и е еден од водечките австриски гудачки квартети. Членови на ансамблот се виолинистите Бенјамин Циервогел и Рафаел Каспријан, виолистот Јожеф Бизак и виолончелистот Томас Висфлекер.

Рихард Рикон од Словачка е пијанист со богата интернационална кариера. Неговиот репертоар ги вклучува делата на Бах се до современите композитори, а има настапувано на бројни музички сцени низ светот. Има снимено ЦД „Пијано меџик“, 1,2,3 со светски познати нумери аранжирани во неконвенционален стил за што е добитник и за наградата „Голден Рекорд“. Рикон е исто така и композитор и аранжирал дела за други уметници. Во рамки на своите активности тој посветува време и на пронаоѓање и менторирање млади таленти.

Елена Васова е соло пејачка, сопран,  родена во 2000 година во Скопје. Нејзиното музичко образование, прво на отсек виолина, а потоа соло пеење, почнува уште од рана возраст. Како средношколка е добитник на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари. Хорското пеење го почнала во детскиот хор „Пиколо“, а подоцна станала член на женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“, во кој настапува и како солист на повеќе турнеи и натпревари во Полска, Русија, Шведска, Ирска, Италија, Шпанија и Франција. Активен член е во професионалниот мешан хор „Про Арс“ и женскиот младински хор при МКЦ. Дипломирала вокално-инструментален изведувач на отсекот соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Како солист настапува на Коста Трпков, Руска Романсијада, Скопско лето и Охридско лето. Неодамна го издаде својот прв сингл „Пријател“.