Габриела Илиевска згрешила што ја прекинала седницата на Советот на Битола, процени Државниот инспекторат

Претседателката имала мнозинство да ја продолжи работата, не бил нарушен редот во салата, а таа не побарала Советот да одлучи за прекинот на седницата, не го навела ниту времето за продолжување на седницата


Советот на Општина Битола

 

БИТОЛА – Габриела Илиевска, претседателка на Советот на Општина Битола, не испочитувала ниту еден од условите за прекин на 26. седница на Советот на Битола. Вака проценил Државниот инспекторат за локална самоуправа при извршениот вонреден инспекциски надзор во Општина Битола за одржувањето, прекинот и продолжувањето на седницата од 20 април годинава.

По оваа седница следуваше политичката криза во Битола која сѐ уште не е надмината. Градоначалникот Тони Коњановски апелира политичките недоразбирања да бидат надминати, Советот да продолжи да функционира, за да може и општината непречено да работи.

Извештајот од вонредниот инспекциски надзор стигна во Битола, еден месец по спорната седница на Советот, а во него Државниот инспекторат за локална самоуправа наведува дека претседателката Илиевска ја прекинала седницата „ без да даде предлог за прекинување врз основа на кој Советот ќе одлучи, а исто така не определува ни време за продолжување на седницата“. 

Инспекторатот наведува  дека до отворањето на точката 5 од дневниот ред (на кој биле поставени 88 точки), сѐ било во ред, сѐ додека на оваа точка советниците на СДСМ не ја напуштија седница. Тогаш Илиевска дала пауза од 5 минути и побарала координација со координаторите на советничките групи, па ја прекинала седницата повикувајќи се на членот 65 заради потреба од дополнителни консултации.

„Член на Советот праша кога ќе продолжи седницата за да се информираат членовите на Советот, но претседателката не одговори и ја прекина седницата“. Во извештајот пишува дека во Деловникот јасно е наведено во кои случаи може да се прекине седницата.

Значи, Илиевска имала мнозинство да ја продолжи работата, не бил нарушен редот во салата, а таа не побарала Советот да одлучи за прекинот на седницата, не го навела ниту времето за продолжување на седницата.

Така инспекторатот пишува за „констатирани неправилности“. Илиевска иако за цело време велеше дека се повикала на членот 65 од Деловникот, токму тука ја направила грешката не ги испочитувала одредбите од тој член за прекинување на седницата.

Илиевска не ги потпишала ни одлуките додека таа заседавала со Советот, иако имала законска обврска тоа да го стори во рок од три дена од денот на нивното донесување и да ги достави до градоначалникот за објавување.

Таа преку службената емаил адреса била повикана да присуствува на продолжението на седницата на 20 април, ама и тогаш не се појавила на седница, па „палката“ со раководењето на Советот ја презема најстариот член на Советот, Марица Тодоровска од редовите на ВМРО – ДПМНЕ.

По ова седницата ја продолжило мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ДОМ со вкупно 16 членови на Советот.

Покрај овие констатирани недоследностите, инспекцијата  наведува дека на продолжението на седницата имало изгласано 4 точки за кои било потребно мнозинство на гласови, бидејќи биле носени прописи. Па, Инспекторатот опоменува за неправилности при донесување на прописи на седницата.

Оттука, Државниот инспекторат им изрекува опомена до претседателката Илиевска и општина Битола со градоначалникот Коњановски како треба да постапат во наредните 15 дена од добивањето на ова решение.

Оспорените  прописи да ги стават на седница на повторно разгледување, донесените акти кои не се спорни да се потпишат од страна на Илиевска и од страна на претседавачот на продолжението на седницата Тодоровска и да се објават во службеното гласило на општината, за што да биде известен и инспекторатот.

На крај инспекторатот навел и двете страни да ги почитуваат одредбите од Законот за локална самоуправа секој во својот делокруг.

Претседателката Илиевска останува на  чело на Советот на Општина Битола и засега нема најави за нејзина оставка. Таа се врати во Советот минатата недела кога ја свика вонредната седница на барање на градоначалникот Коњановски.

Илиевска за нотираните неправилности од страна на Државниот инспекторат за локална самоуправа за „Независен“ само потврди дека ќе се жали на решението за нејзина опомена до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

За добиено решение градоначалникот Коњановски во изјава за „Независен“ обвини дека 26-та седница на Советот и сѐ она што се случува во овој период од страна на претседателката на Советот, Илиевска, претставува „потврда на нејзината желба за активно блокирање на работата на Советот“, а со тоа и работата на општината.

„Преку кочење на проекти, не може да се постигнат резултати, а очигледно, токму тоа сака да го прикаже претседателката Илиевска. Секој кој сака промени кон подобро, прво ги исполнува задачите за кои е обврзан, за кои е избран и платен од парите на граѓаните. Со решението од Државниот инспекторат, дополнително се укажува на тоа, на што цело време повикувам и апелирам. Ги повикувам советниците на конструктивност и соработка и реализација на програмите и проектите за кои сите носиме одговорност пред граѓаните. Ниту јас, а верувам ниту другите советнички групи нема да дозволат, нечии политички интереси да бидат на штета на градот“, изјави градоначалникот Коњановски.