Г-динот чај


ЛЕЈЛА САБИТ

Вистински господин и пријател во овие зимски, студени и претпразнични денови. Нема да ве разочара, ќе ви биде добар соговорник, сами или во друштво.

Ви ја грее душата, ви ги враќа спокојот и енергијата, ве обвиткува со празнична магија, ве смирува како мајка болно дете, или баба палаво внуче.

Главен актер во зимската идила, кога на сцената на животот треба малку да подзапрете, да одморите, да размислите, да промешате со лажицата неколку пати, еднаш назад во топлото детство, еднаш напред во топлата сегашност покрај камин и уште еднаш за иднина, без Ковид-19, можеби под сонце и на плажа, покрај топло море.

Ако ви е студено на нозете и во срцето, чајот е тука да ве стопли како меко ќебе, да  ве послужи со домашни колачи со ѓумбир и цимет и да ви раскаже топла приказна за добра ноќ.

Ако се чувствувате осамени, да ве гушне силно, да ве облече во божикно џемперче, да ви ги соблече чевлите со високи потпетици, да ви облече термо чорапи, да ве седне во удобна фотелја и да ви пушти филм со божиќна тема.

Ако деновите ви поминуваат во домашна атмосфера – ништо не е случајно. Тоа чајот ве чести со најубав новогодишен подарок, да се дружите со најблиските како никогаш досега.

Чајот не се пие на екс и од нога, како што и животот не се зема здраво за готово. Се пие голтка по голтка, како што ги носите и важните одлуки и ги избирате пријателите. Кој не внимава, може да го изгори јазикот и да се изгори во животот.

Чајот е пријател со сите, не познава граници и континенти, не разликува раси и религии, сака да им угоди на сите, да се чувствуваат пријатно и сакано, подава рака и на богатите и на сиромашните, и на среќните и на несреќните, знае со манири да ве пречека и да ве испрати, да ве разбуди или да ве заспие. Со чајот , каде и да сте, дома сте.

Затоа, ако годинава не ви е до славење ниту до жесток пијалок, дружете се со г-динот чај. Ќе се разбудите во Новата година, трезни, поодморени и поромантични.

На здравје!