Функционални лифтови во СД „Гоце Делчев“ и топла вода во „Пелагонија“ бараат студентите

Студентските домови во Скопје, „Гоце Делчев“ и „Пелагодина“ со години се соочуваат со проблеми, а студентите навремено реагираат за основните два проблема, односно функционални лифтови во едниот и топла вода во другиот.
Имено, затоа што „Гоце Делчев“ е дом со четири високи кули, незамисливо е студентите да се качуваат по скали до горните катови постојано, секој ден и по неколку пати, па затоа од
Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС-УКИМ), бараат тие да бидат функционални до септемри, а занивна санација да се искористи летото.
СО ова ќе се придонесе за безбедноста, удобноста и достоинствениот студентски живот, сметаат тие.
– Во првото барање, доставено до Државниот студентски дом – Скопје, УСС-УКИМ апелира за навремена проверка и повторно оспособување на нефункционалните лифтови во објектите на ДСД – Скопје. Со оглед на приближувањето на новата академска година и очекуваниот зголемен број на станари, се нагласува значењето на функционални лифтови – како за олеснување на секојдневното движење, така и за овозможување безбеден и пристапен престој за сите студенти, вклучително и за оние со ограничена подвижност – велат од УСС-УКИМ.
Студентскиот дом „Пелагонија“ пак, постојано се соочува со недостиг од топла вода за бањање, па студентите бараат промена на бојлерите.
– Во второто барање, упатено до студентскиот дом „Пелагонија“ и Министерството за образование и наука, УСС-УКИМ бара итна санација и сервисирање на бојлерите и целиот систем за топла вода, имајќи ги предвид честите проблеми со греење и топла вода во изминатите зимски сезони. Дополнително, се посочува на хроничниот проблем со нефункционалните лифтови во овој дом, што претставува посебна тешкотија за студентите со здравствени или физички ограничувања – велат од УСС-УКИМ.
Со овие барања, УСС-УКИМ апелира до институциите за навремена и одговорна интервенција уште во текот на летниот период, со цел почетокот на академската година да го дочекаме со подобрени услови за живот и студирање.
– Овие интервенции се клучни за обезбедување на елементарни услови кои студентите ги заслужуваат. Ќе продолжиме гласно и одговорно да ги пренесуваме реалните потреби на студентите“ – истакна Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ.