Фуере: Заканите од Бугарија треба да ја загрижат ЕУ


Поранешниот амбасадор на ЕУ Ерван Фуере, во изјава за МИА вели дека заканите за блокирање на преговарачкиот процес со ЕУ од страна на Бугарија треба да ја загрижи Европската унија.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел по објавувањето на извештајот за реформскиот напредок на Македонија и другите земји од регионот, поранешниот ЕУ амбасадор се осврнува на најавите за можна блокада од Бугарија и предупредува дека тие можат да го загрозат регионот.

– Ова прашање е многу загрижувачко затоа што покажува дека некои земји членки го користат членството во ЕУ за да наметнат националистичка агенда, ова е нешто што ЕУ не смее да го потцени, ниту земјите членки ниту институциите на ЕУ, ова е многу сериозен проблем, кој сме го виделе и во минатото со Словенија и Хрватска и покажува колкава е тежината на историјата на западниот Балкан – вели Фуере.

За поранешниот амбасадор на ЕУ во Северна Македонија, Ерван Фуере корупцијата, исто така, е еден од главните проблеми за земјата и покрај одреден напредок до сега.

– Мислам дека Владата треба да биде задоволна со коментарите за отвореното владеење како белег на Владата на господинот Заев, во споредба со претходната предводена од Груевски, тоа е важно, но истовремено е јасно дека Владата треба да направи многу повеќе против корупцијата, јасен е сигналот дека Владата не беше доволна цврста кон прашањата со корупцијата, и не само оние кои произлегуваат од претходната Влада, туку и сегашната корупција која е многу сериозен проблем и треба да се решава на попроактивен начин, инаку тоа ќе остане слаба точка, анализира Ерван Фуере за МИА.

Тој потсети и на важноста од усвојување на законодавство против дискриминација, нешто на што исто така инсистира Европската комисија, откако законот беше укинат поради процедурални грешки.

Фуере нагласува дека покрај законодавството, владата треба да биде внимателна и на неговата имплементација како и на телата кои го застапуваат граѓанското општество и се задолжени за спроведување и мониторирање на антидискриминациските закони.

– Мотото на демонстрантите „нема правда нема мир“ е многу реален предизвик за земјата, тоа мора да се земе предвид, порачува Фуере.