Фудбалери кои го одбраа шишето пред топката и потонаа

Поранешниот селектор на фудбалската репрезентација на Шкотска, Џорџ Барли забрани консумирање на алкохол во текот на квалификациите за Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година. Неговата одлука дојде како последица на инцидентот меѓу Бери Фергусон и Алан Мекгрегор кои заедно со соиграчите се опуштија пред мечот со Холандија што резултира со пораз од 0:3 во Амстердам.

„Секој фудбалер мора да сфати колку е важно да се игра за репрезентацијата на Шкотска. Јасно им ставивме до знаење на играчите дека алкохол нема да се толерира. Тие мора да сфатат дека нивна главна цел е фудбалот“, порача во таа прилика Барли.

Анонимна анкета на магазинот „ФорФорТу“ (FourFourTwo) покажа дека повеќе од една третина од професионалните фудбалери во Велика Британија посегнуваат по алкохол барем еднаш неделно. Во неа учествуваа играчи од Премиерлигата, но и од останатите рангови во англискиот фудбал и од шкотската Премиерлига.

„Еднаш месечно си давам оддишка“, беше одговор на еден фудбалер во англиската Лига 1 (трета лига).

„Фудбалот се промени во голема мера. Има доста играчи кои редовно се опиваат меѓу два натпревара. Но, ако дојдете на тренинг и мирисате на алкохол, тогаш сте во голема неволја“, гласеше друг одговор на испитаниците.

Јоаким Лев, пак, го редуцира сексот за германските репрезентативци пред и за време на Светското првенство во Русија и, секако, алкохолот, а во забранетите работи влегоа и социјалните мрежи (Фејсбук, Твитер и Инстаграм).

„Момчињата се добро запознати со правилата на однесување. Тие знаат кои се нашите амбиции. Секој фудбалер е дел од една сложувалка и тимот е поважен од поединецот“, нагласи Лев лани.

Алкохолот не беше забранет во целост во таа прилика меѓутоа и беше јасно кажано дека нема да се прогледува низ прсти. На играчите им беше дозволено по неколку две-три чаши вино, а се над таа граница е против правилата на Лев и германската репрезентација.

Вакви примери во спортскиот свет има во изобилство. Фудбалот во случајот и алкохолот воопшто не одат заедно и тоа е логично или треба да биде. Но, ситуацијата во пракса е поинаква на што упатуваат и посочените примери со Барли и анкетата на „ФорФорТу“. Долга е листата на спортисти и фудбалери, анонимни, познати и славни, што имале такви проблеми во еден момент во кариерите мораа да направат избор меѓу чашката и шишето или топката.

Пол Гаскоњ

Првото место го зазема англискиот фудбалер Пол Гаскоњ, кој своевремено важаше за еден од најталентираните во својата генерација. Но, љубовта кон алкохолот го спречи да стигне до самиот врв.

 

Тој престојуваше во институции за одвикнување од алкохол, но ни тоа не помогна. На овој Англичанец дружењето со чашката и денес неретко му прави проблеми.

Гаринча

Иако беше еден од најдобрите фудбалери кои ги имаше оваа планета, Гаринча на возраст од 49 години почина како последица од алкохол.

Бразилецот, кој испиша историја на светскиот фудбал, цела кариера ја мина во татковината, а најдобрите партии ги прикажа во дресот на репрезентацијата.

Џорџ Бест

Џорџ Бест, легенда на Манчестер јунајтед, ќе остане запаметен како еден од најдобрите фудбалери кои играле на Островот. Сепак, мајсториите што ги изведуваше на терен ги уништи со љубовта кон шишето.

Во својата десетгодишна кариера во дресот на „црвените ѓаволи“, цело време се бореше со зависноста, која подоцна ја лечеше во мали средини, а почина на возраст од 59 години.

Сократес

Бразилскиот доктор во копачки својата брилијантна кариера ја зачини со алкохол и застана во редот фудбалери на кои поважна им беше забавата од здравиот начин на живот.

Сократес е еден од ретките фудбалери во негово време кои среќата ја побараа и во Европа. Никако не успеа да се вклопи во Фиорентина, токму затоа што немаше доволно слобода да се дружи со чашката. Почина на возраст од 59 години.

Адриано

Еден од најсвежите личности на овој список е бразилскиот ас Адриано, кој настапувајќи за Интер, покажа дека поседува редок талент. Му се насмевнуваше блескава кариера, имаше несекојдневни партии, а тогаш се сврте кон бразилскиот начин на живот што подразбираше литри и литри алкохолни пијалоци со забави до зори.

Така изгуби контрола, а големите клубови останаа незаинтересирани за него.

Тони Адамс

Ќе остане запаметен како еден од најдобрите стопери на Арсенал, во Премиерлигата и во англиската репрезентација. Тој е еден од ретките фудбалери кои алкохолот не го извади од копачки. Беше и остана миленик е на фановите на „топчиите“ и се вброи во 100 фудбалски легенди на Островот.

Алкохолот не беше пречка да ја истера кариерата докрај и кога процени дека годините го газат да се повлече од активното играње на фудбал и да се впушти во тренерски води.