„Фридрих Еберт“: Од сите земји во ЈИЕ најмногу млади луѓе од Македонија, 42.67 отсто сакаат да ја напуштат државата


Истражување на „Фондацијата Фридрих Еберт“покажа дека од сите земји во Југоисточна Европа, најмногу млади луѓе од Македонија, 42,67 отсто од нив, изразиле желба да ја напуштат земјата поради лошиот социјален, животен и економски стандард и услови.

Според резултатите од „Студијата за млади луѓе од Југоисточна Европа 2024“, следното место на таа листа го зазема Босна и Херцеговина, каде би емигрирале 31,18 отсто од младите, а во Албанија тој процент е 36,9. Што се однесува до другите земји од регионот, во Хрватска 21,62 отсто од младите изразиле потреба да ја напуштат земјата. Слична е ситуацијата и во Косово, каде 27,83 отсто од младите се незадоволни од животниот стандард. Во Србија и Словенија 25 отсто од младите изразиле желба да ја напуштат државата, а во Грција таа бројка е 31,26 отсто. Во Бугарија и Романија, истражувањето покажа најмалку подготвеност на младите да ги напуштат своите земји.

Истражувањето е спроведено на примерок од 8.943 млади луѓе од Југоисточна Европа, на возраст од 14 до 29 години и покажа дека 23 отсто од нив подобрата плата ја гледаат како една од клучните причини за иселување од државата.

67 отсто од испитаниците истакнале дека економските фактори и можности играат важна улога во иселувањето на младите, додека за 62 отсто од нив корупцијата е најголемиот проблем со кој ќе се соочат нивните земји во следната деценија.