Френсис Форд Копола со награда АФИ за животно дело

Лос Анџелес – Режисерот Франсис Форд Копола ја прими наградата за животно дело на Американскиот филмски институт (AFI) на церемонија во театарот Долби во Лос Анџелес, на која присуствуваа голем број филмски легенди.
Копола ја доби наградата за создавање револуционерни дела во текот на неговата кариера, вклучувајќи ја трилогијата „Кум“ и „Апокалипса сега“, објави АП.
„Кога бев дете, имаше само Оскар, и тоа беше тоа. Сепак, сега е малку поинаку, бидејќи тоа е лично признание од луѓе што ги познавам целиот мој живот и од моите долгогодишни колеги, па на некој начин се чувствувам како да сум се вратил дома“, рече 86-годишниот режисер пред церемонијата на доделување на наградите.
Меѓу присутните беше и Стивен Спилберг, кој рече дека Копола ги редефинирал принципите на американското кино и дека како таков нема рамен.
Копола седеше помеѓу Спилберг и Џорџ Лукас на церемонијата на доделување награди, а меѓу публиката беа и режисерот Спајк Ли, актерите Дастин Хофман, Ал Пачино, Морган Фримен, Енди Гарсија и многу други.

Наградата му ја врачи неговиот долгогодишен пријател и колега, Лукас, со кого Копола ја основал продуцентската куќа „Американ зоетроп“ во 1969 година. На гостите им било послужено вино од винаријата на Копола, а по вечерата, како десерт, во духот на потеклото на лауреатот, бил послужен италијанскиот специјалитет каноли.

Копола е 50-тиот добитник на наградата AFI, што претставува највисоко признание за филмска кариера во Америка. Копола освои пет Оскари, вклучувајќи ја и наградата за најдобар режисер во 1975 година за „Кум 2“, кој исто така освои награди за најдобар филм и најдобро сценарио. Неодамна го режираше научно-фантастичниот филм „Мегалополис“, кој беше прикажан на 77-от Кански филмски фестивал во Франција, а во главните улоги се Адам Драјвер, Обри Плаза, Шаја Лабаф и Лоренс Фишбурн.