Фрчкоски: Монструозна операција на властите за контрола на штетата

Поранешниот министер и амбасадор, Љубомир Фрчкоски, вели дека денеска е во тек „монструозната операција која се води сега за ‘контрола на штетата’ од ДПМНЕ и нивниот министер за внатрешни“ по трагедијата во дискотеката во Кочани.
„Завлегувајки во некои апсења, потерници, во дебати кој ја издал и до кога важела лиценцата за клубот, во ароганција помешана со страв кој извира од очите на министерот кога им дели лекции на новинарите за тоа како да поставувале прашања – сѐ во сенка на ужасната трагедија – не можете да почуствувате друго освен превртување во стомакот, од гадење и бес“, пишува Фрчкоски во текст за „Либертас“.
Според него, Министерството за внатрешни со серија акти кои не ги направило е одговорно за настанот – трагедијата, односно ако ги направеле законските обврски кои морале да ги сторат, настанот можел да биде спречен или барем неговите последици да бидат драстично намалени. „ МВР морало, бидејки било претходно информирано, поради неговата обемност и можност од било какви инциденти (тоа се прави рутински со такви настани), да го обезбеди настанот однадвор. Но МВР тоа не го сторило“.
Тој вели дека „МВР морало да обезбеди внатре во салата полицајци за можни инциденти за концертот (исто вообичаено се прави за настани од ваков обем: 1.500 млади луѓе во затворен простор кој е сомнително адаптиран за таков настан). Значи, не да праќа полицајци да ловат дилери туку да проценуваат можни инциденти и опасни ситуации и да го запрат концертот ако е потребно)“.
Фрчкоски нагласува: „Мачно е да го гледаш министерон за внатрешни како глуматара ароганција во ситуација кога мора да понесе политичка одговорност за нечинење на министерството кое го раководи. Значи кратко: Оставка министре .
Вашите прес-конференции новинарите треба со свртен грб да ги следат.
Вашиот мандат ќе биде обележен со оваа трагедија, но тоа е така никој посебно нема да го забележува тоа во сенката на оваа огромна трагедија за Македонија и семејствата на младинците/ките кои ги загубија животите и чии семејства никогаш повеќе нема да бидат исти“.