Французите денеска решаваат дали ќе му дадат мнозинство на Макрон
Во Франција денеска се одржува вториот круг од парламентарните избори. Кампањата заврши на полноќ во петокот со речиси борбен тон меѓу групацијата Заедно на претседателот Емануел Макрон и левичарскиот сојуз на Жан-Лук Меланшон, кои се рамо до рамо по првиот круг на 12 јуни.
Вториот круг одлучува дали два месеци по неговиот реизбор за втор петгодишен мандат, на 24 април, Макрон по изборите ќе има апсолутно или просто мнозинство во Националниот парламент.
Без мнозинство, партијата на претседателот Макрон би можела да зависи од гласовите на левичарскиот сојуз, а тој и Франција би можеле да се соочат со политичка парализа. Од тоа зависат плановите на Макрон за длабоки реформи во Франција.
Нупес, новиот левичарски сојуз создаден од социјалистите, комунистите, зелените и левичарските протестни партии, ја потресе политичката сцена. Лидерот Жан-Лук Меланшон успеа да ги инспирира и мобилизира особено младите гласачи.
Меланшон се надева дека ако победи неговиот сојуз, тој ќе стане премиер. Тоа сценарио изгледа многу малку веројатно, но последните анкети објавени во петокот покажуваат дека може да се случи Макрон да не добие апсолутно мнозинство во Националното собрание.
Според барометарот Ипсос, групата на Макрон ќе биде прва со 265 до 305 пратеници, па не е сигурно дека ќе има апсолутно мнозинство од 289 пратенички места. Вториот истражувачки институт Елаб предвидува меѓу 255 и 295 места за групата Макрон.
Според Ипсос, групата на Меланшон ќе има меѓу 140 и 180 пратеници. Од Институтот Елаб се пооптимисти и им даваат од 150 до 200 пратеници.
Третиот блок составен од формацијата на екстремната десница Марин Лепен се надева дека ќе ја помине границата од 15 пратеници за да можат да формираат пратеничка група во Собранието.
Класичната десница смета на околу шеесетина пратеници во идното Собрание. (МИА)