Францускиот пливач Леон Маршан избран за најдобар спортист во Европа


Францускиот пливач Леон Маршан е прогласен за најдобар спортист на Европа во традиционалниот избор на новинските агенции, додека кошаркарот на Денвер и репрезентативецот на Србија Никола Јокиќ го зазеде десеттото место.

Изборот по 67. пат го организираше Полската национална агенција (ПАП).
 

Маршан (22) на Олимписките игри во Париз освои пет медали, од кои четири златни и еден бронзен. Францускиот пливач вкупно доби 155 поени.

Второто место во изборот за најдобар спортист на Европа му припадна на словенечкиот велосипедист Тадеј Погачар (148 поени), а третата позиција на шведскиот атлетичар Арманд Дуплантис, кој освои 142 поени.

На четвртото место е италијанскиот тенисер Јаник Синер со 113,5 поени, а петтото место го зазеде актуелниот светски шампион во Ф1 Макс Ферстапен (71 поен).

Во Топ 10 се уште шпанскиот фудбалер Родри (53), швајцарскиот скијач Марко Одермат (49), украинската атлетичарка Јарослава Махучих (43), белгискиот велосипедист Ремко Евенепул (36) и кошаркарот на Денвер Србин Никола Јокиќ (35 поени).