Француски „Карфур“ ги обележува производителите кои ја намалуваат грамажата, но не и цените


 

Францускиот синџир супермаркети „Карфур“ смисли впечатлив начин да им укаже на своите потрошувачи на производители кои ја намалуваат тежината, но не и цената на производот.

На полиците до предметните производи, клиентите сега можат да најдат налепница „shrinkflation“ (известување за намалување на големината или волуменот на производот).

Овој малопродажен синџир го стави ова известување заедно со неколку видови производи, вклучувајќи познати брендови на ладен чај, чоколада и сладолед. По овој потег, компанијата посочи дека сака да изврши притисок врз производителите да ги намалат цените.

„Како што можете да видите, целта на стигматизирање на овие производи е да им се каже на производителите да ги преиспитаат своите ценовни политики“, рече Стефен Бомпаис, директор за комуникација со клиентите, пишува „Гардијан“.

Од супермаркетот наведуваат дека млечната формула за доенчиња е намалена од 900 на 830 грама, а цената останала иста. Шише леден чај со вкус на праска е намалено од 1,5 литри на 1,25, додека волуменот на кутија сладолед е помал и тежи 30 грама помалку.