Франција се закани со санкции поради повиците на Ердоган за насилство


Франција ги осуди повиците за насилство од страна на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и најави можни санкции против Анкара.

Ердоган влезе во жесток судир со францускиот претседател Емануел Макрон околу голем број геополитички прашања, а неодамна поради борбата на Франција против исламот.

– Сега има повици за насилство, дури и омраза, кои редовно ги објавува турскиот претседател Ердоган, што е неприфатливо, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив ле Дриан за Радио Европа.

Паралелно, Макрон одговори на написот во „Фајненшл тајмс“ во кој беше цитиран неправилно порачувајќи дека неговата земја се бори против „исламскиот сепаратизам, никогаш против исламот“.Во писмо до редакцијата, Макрон истакна дека британскиот весник го обвинува за „стигматизација на француските муслимани за изборни цели и поттикнување на клима на страв и сомневање кон нив“.

„Јас нема да дозволам никој да тврди дека Франција или нејзината влада поттикнува расизам против муслиманите“, нагласува тој.

Во статијата на дописникот на „Фајненшл тајмс“ пишуваше дека осудата на „исламскиот сепаратизам“ носи ризик од поттикнување на „непријателско опкружување“ против француските муслимани.Тој напис подоцна беше отстранет од веб-страницата на весникот и беше заменет со објаснување дека „содржи фактички грешки“.