Франција и партнерите објавија повлекување на трупите од Мали

Париз вели дека новата стратегија за Сахел ќе биде објавена во јуни


Француските трупи во Мали се од 2013 година (Фото: АФП)

 

Франција заедно со своите европски и меѓународни партнери во четвртокот го објави крајот на својата деветгодишна воена контра-бунтовничка операција во Мали, во услови на растечки тензии со воената хунта во земјата.

„Поради повеќекратните опструкции од страна на преодните власти на Мали, Канада и европските држави кои дејствуваат заедно со (француската) операција ‘Бархан’ и во рамките на оперативната група ‘Такуба’ (европска мултинационална група на сили за специјални операции)… одлучија да започнат со координирано повлекување на нивните соодветн воени ресурси посветени на овие операции од територијата на Мали“, се вели во заедничката изјава објавена од Елисејската палата.

Одлуката беше донесена по вечерата во Елисеј во средата навечер со лидерите од африканските земји, земјите активни во регионот Сахел и претставници на ЕУ.

Во соопштението се вели дека Франција и нејзините партнери „ќе продолжат со заедничката акција против тероризмот во регионот Сахел, вклучително и во Нигер и во Гвинејскиот Залив“, и ќе подготват нова стратегија за регионот до јуни 2022 година.

Одлуката за повлекување од Мали претставува голем неуспех во долгорочните напори на Париз за борба против терористичките групи во регионот.

Приближно 3.500 француски војници моментално се во Мали, а повеќе од 4.000 се во поширокиот регион, според Елисејската палата. Франција е присутна во Сахел од 2013 година, кога тогашниот претседател Франсоа Оланд одлучи да распореди војници прво во Мали, а потоа во поширокиот регион Сахел вклучувајќи ги Буркина Фасо, Чад, Мавританија и Нигер за борба против џихадистичкиот тероризам.

Околу 53 француски војници се убиени во Сахел, вклучително и 48 во Мали, од почетокот на операцијата, за која поддршката е намалена во последните неколку месеци. Француските трупи сега се соочуваат и со платеници од руската група „Вагнер“. Ситуацијата во Мали ескалира во последните недели кога владата го протера францускиот амбасадор; илјадници излегоа на улиците на главниот град Бамако за да го прослават тој потег и да протестираат против француското присуство таму.

Воената хунта на Мали, исто така, отстапи од претходните обврски за одржување избори и враќање на цивилното владеење по државниот удар во август 2020 година против избраниот претседател Ибрахим Бубакар Кеита.