Франција и Германија предлагаат Европа со четири брзини

Пред следното проширување, сите преостанати политички одлуки треба да се префрлат од носење со едногласност во гласање со квалификувано мнозинство.,, стои во предлогот на Франција и Германија


БРИСЕЛ – Француско-германските експерти го претставија предлогот за опсежни структурни реформи на Европската унија, во кој главна препорака е новата проширена ЕУ да биде Европа со четири брзини. Ова е линк до документот на англиски: https://www.politico.eu/wp-content/uploads/2023/09/19/Paper-EU-reform.pdf

Извештајот, нарачан од двете најголеми земји на ЕУ, има за цел да ги промени правилата и да ja подготви Унијата за  30 или повеќе нации. Извештајот е неформален и според она што беше речено на прес конференцијата, земјите се далеку од тоа да се едногласни околу предлозите, но важно е дека дебатата е отворена. Во него авторите предвидуваат модел на ЕУ во четири концентрични кругови. 

„1. Внатрешен круг;

2. ЕУ;

3. Придружни членови;

4. Европската политичка заедница (лабава асоцијација на европски лидери кои се состануваат двапати годишно за да разговараат)“

Според предлогот Македонија по се изгледа треба да биде во третата група на земји со можност да се приклучи во вт ориот круг. Авторите, исто така, го поддржуваат целниот датум за проширување на ЕУ во 2030 година, тврдејќи дека следната Комисија „треба да се посвети на целта од 2030 година и да се договори како дотогаш да го подготви проширувањето на ЕУ“.

Министрите на ЕУ разговараа за документот денес за да подготват теренот за претстојниот самит на националните лидери во октомври, каде што се очекува проширувањето да биде на врвот на агендата.

„Јасно е дека проширувањето и реформите на ЕУ одат рака под рака. И ние треба да започнеме со ова сега“, изјави германската министерка за Европа, Ана Лирман, за новинарите во средата наутро во Брисел. 

Извештајот на група од 12 експерти предлага радикални реформи за да се насочи структурата на ЕУ, вклучително и намалување на бројот на еврокомесари и членови на Европскиот парламент и укинување на националните вета. Студијата, исто така, испитува неколку опции за тоа како да се води поголема ЕУ, вклучително и поголем буџет, построго поврзување на исплатите на ЕУ со условите на владеењето на правото и придвижување кон мнозинско гласање наместо едногласност во Европскиот совет.

Во потег што може да се покаже контроверзен за Франција и Германија, експертите, исто така, предлагаат да се прераспредели поголема тежина на гласовите во Советот на помалите земји од ЕУ со цел да се балансира губењето на националните вета. Во моментов осум земји се кандидати за пристапување во ЕУ, вклучувајќи ги Украина, Молдавија и шест балкански држави. Претседателот на Европскиот парламент во јуни ги поддржа сериозните преговори за пристапување на Украина во ЕУ што треба да започнат до декември оваа година.

Лирман претпочи да се избегнат промените во договорите на ЕУ, процес кој може да потрае со години и е непопуларен меѓу многу лидери на ЕУ.

„Би сакала да ја искористам оваа флексибилност што ни ја дава клаузулата за менување што ни овозможува да правиме промени во некои области без промени во договорите, како што се одлуките со квалификувано мнозинство“, рече таа.

Академик Оливие Коста, директор за политички студии на Колеџот на Европа и еден од двајцата ко-известувачи на трудот, изјави за Политико  дека „последните 30 години од историјата покажуваат дека оние кои се скептични во врска со изгледите за големи реформи во ЕУ секогаш се докажува дека грешат.“

Еве што пишува во предлогот за најважното прашање за Македонија , ветото, т.е. начинот на одлучување во ЕУ:

„Извештајот ја нагласува потребата од реформирање на процесите на донесување одлуки во рамките на Советот. Пред следното проширување, сите преостанати политички одлуки треба да се префрлат од едногласност во квалификувано мнозинство. Дополнително, освен во надворешната, безбедносната и одбранбената политика, ова треба да биде придружено со целосно соодлучување со ЕП  за да се обезбеди соодветна демократска легитимност. Ако тоа не е можно, се сугерира вклучување на гласањето со квалификувано мнозинство преку три пакети групирани по политички области за да се овозможи правична рамнотежа на отстапки помеѓу поединечните земји-членки. За да се направи квалификуваното мнозинство поприфатливо, дадени се три дополнителни препораки: создавање „мрежа за заштита на суверенитет“ што ќе им овозможи на земјите-членки да ги изразат своите витални национални интереси во одлуките за квалификуваното мнозинство; ребалансирање на гласачките права со адресирање на грижите на помалите и средните земји-членки и механизам за opts-outs (да се иземат од учествувањето во нешто, т.е. одлучувањето“.

Понатаму стои дека „ако нема договор за ветото, да се креираат три поврзани пакети кои ја формираат основата на транзицијата кон квалификувано мнозинство:

1. Проширување и владеење на правото;

2. Надворешна политика и одбрана;

3. Фискална и даночна политика;

Сепак, во делот каде што пошироко е објаснето барањето да се укине ветото стои дека „уставните одлуки, како што се менување на договорите на ЕУ, прифаќање нови членки или адаптирање на институциите на ЕУ, треба да продолжат да се носат со едногласност“.

На крајот во предлогот е издигнато на пиедестал владеењето на правото и од октомври ЕУ ќе презентира извештаи за состојбата во земјите членки а не само кандидатите, почнувајќи меѓудругото и со Германија, Грција, Данска и Естонија. Во тој дел стои: 

„Владеењето на правото не е само една од вредностите на кои се заснова ЕУ. Тоа е уставно начело за функционирање на ЕУ за кое не може да се преговара, споменато во член 2 од Договорот за Европската унија). Поголемиот дел од политиките на ЕУ, вклучувајќи ги сите оние поврзани со внатрешниот пазар, судската соработка и признавањето на пресудите во граѓански и трговски прашања, се засноваат на премисата дека националните судови се независни.

Според тоа, примената на принципите на владеење на правото е предуслов за влез во ЕУ. И, бидејќи тоа е принцип за кој не може да се преговара во ЕУ, несогласувањето околу стандардите за владеење на правото не може да се реши со диференцијација во ЕУ. Земја која не го почитува владеењето на правото на крајот не може да биде дел од единствениот пазар и не може да добие финансирање од ЕУ“.