Фотографијата на удавените мигранти ја прогонува Америка
Матаморос – Ужасната фотографија на салвадорскиот мигрант и неговата мала ќерка, кои се удавија во Рио Гранде на границата со САД и Мексико, стана фокус на политичката дебата во Америка за политиката на азил на претседателот Доналд Трамп.
Сликата на Оскар Алберто Мартинез (25) и неговата 24-месечна ќерка Енџи Валерија, повторно го насочија вниманието кон маките на бегалците и мигрантите, главно од Централна Америка. Двајцата патувале од Салвадор и барале азил во САД.
Претседателскиот кандидат на САД, Берни Сандерс, ја нарече сликата „ужасна“ и рече дека политиката на претседателот го направи смртта поверојатна. „Политиката на Трамп за потешко и потешко да се бара азил – и одвојувањата на семејствата – е сурова, нечовечка и води кон такви трагедии“, напиша тој на Твитер.
За возврат, Трамп ги обвини демократите, за кои рече дека ги блокираат обидите на неговата влада да ги затвори „дупките“ во американскиот закон, кои ги поттикнуваат мигрантите да аплицираат за американски азил.
„Ако ги фиксираме законите, нема да го имаме тоа. Луѓето доаѓаат, тие трчаат низ Рио Гранде“, рече тој осврнувајќи се на реката позната како Рио Браво во Мексико, која претставува голем дел од границата помеѓу двете земји.
Рекордни броеви мигранти од Централна Америка се доближуваат до САД оваа година, и покрај тврдата политика на Трамп. Многумина ги напуштаат своите домови во Централна Америка за да избегаат од сиромаштијата, сушата и високиот степен на криминално насилство, поголемиот дел од него извршен од улични банди.
Американските гранични патролни агенти досега уапсија 664.000 лица вдолж јужната граница, што претставува зголемување од 144 отсто од минатата година, изјави Брајан Хестингс, шеф на полициските операции за американската погранична патрола. „Системот е прегреан“, рече тој.
Смртните случаи не се невообичаени, мигрантите се изложени на насилство од криминалци, како и од брзите води на Рио Гранде и пустинската топлина. Во вторникот, американските гранични патроли во близина на Игл Пас открија тело на човек што се удавил во реката. Неколку други исто така ги загубија животите во Рио Гранде оваа година.
Граничната патрола пријави 283 жртви на мигранти на границата во 2018 година. Активистите велат дека бројот е поголем, бидејќи никогаш не се пронајдени остатоците од многу мигранти што умираат во дивината по долгата граница од 3.138 км.
Мајката на Мартинез во средата изјави за Ројтерс дека барала од нејзиниот син да не заминува, стравувајќи дека има многу опасности за него на долгиот пат кон север.
Сликата на Мартинез и неговата мала ќерка во плитките води ги преплави социјалните медиуми низ целиот свет. Весникот на Ватикан, „Осерваторе романо“ ја објави на насловната страница заедно со изјавата на папата Франциско за „огромна тага“.
„Папата е длабоко тажен и се моли за нив и за сите мигранти што ги загубија своите животи бегајќи од војната и мизеријата“, рече портпаролот на Ватикан, Алесандро Гизоти. (Ројтерс)