(ФОТО) Заев со мотор пристигна на манифестацијата „Запознај ја Преспа“
Премиерот Зоран Заев со мотор пристигна на манифестацијата „Запознај ја Преспа“, а веројатно така ќе го продолжи и патувањето до Охрид каде што денеска треба да се одржи ЦО на СДСМ.
Заев за манифестацијата преку која се промовира Преспанскиот регион рече убеден е дека ваков настан ќе ги привлече сите граѓани на земјава.
– Граѓаните да го користат целиот летен период за да го посетат Преспанското Езеро и да ги видат убавините. Со ова се започнува една убава традиција што ќе го одбележи пријателство, меѓу Северна Македонија, Албанија и Грција, посебно преку импликација на дружење со младите. Младите кои се тука од нашата земја, Албанија и Грција се навистина одличен пример на соработка, на иднина, на перспективи. Верувам дека овој туристички потенцијал заедно со моментумот на политичкиот договор што значи прогресивност и иднина, ќе одбележи една одлична можност ем на дружење, ем на креативност и на развој на туризмот на ова прекрасно место – истакна Заев.
Во рамки на дводневниот настан „Запознај ја Преспа” на Дупени бич денеска се одржува и дегустација на традиционална храна каде присутните имаат можност да ги вкусат највкусните традиционални специјалитети како ѓомлезе, аршлама, разни зелници, петулици, циронки, белвици, штрудла со домашни овошја…
Градоначалникот на Ресен Живко Гошаровски истакна дека денеска се спроведува прекрасна презентација и дегустација на многу продукти од Преспа. Наведе дека во рамки на настанот се спроведуваат повеќе младински активности, меѓу кои и акција за чистење во Отешево.