(Фото, видео) Гори брод полн со илјадници луксузни автомобили „Порше“, „Фолксваген“, „Ауди“ и „Ламборџини“

Напуштен товарен брод полн со илјадници луксузни автомобили гори и плови во Атлантскиот Океан, откако пожарот го натера екипажот да побегне.
Бродот „Фелисити Ејс“ се запали во средата во северниот дел на Атлантикот додека превезуваше товар од градот Емден во Германија до Дејвисвил на Род Ајленд, вклучувајќи луксузни автомобили „Порше“ и „Фолксваген“, јавува Си-Ен-Ен.
Во моментот на пожарот, бродот се наоѓал на 90 наутички милји југозападно од португалските Азори, се вели во соопштението на португалската морнарица.
Блумберг јавува дека внатрешна е-пошта од операциите на Фолксваген во САД откри дека на бродот имало 3.965 возила на Фолксваген АГ. Со седиште во Волфсбург, Германија, групацијата произведува возила под брендови како Фолксваген, Порше, Ауди и Ламборџини – сите тие брендови биле на бродот кога се запалил.
Повеќе од 100 од автомобилите имале крајна дестинација во пристаништето Хјустон во Тексас, при што моделите GTI, Golf R и ID.4 се сметаат за загрозени, се вели во е-поштата. Автомобилската индустрија веќе се бори со проблеми со снабдувањето, вклучувајќи ги и проблемите со персоналот поврзани со пандемијата и глобалниот недостиг на чипови.
Лук Вандезанде, портпарол на Порше, рече дека компанијата проценува дека околу 1.100 нејзини возила биле меѓу оние во „Фелисити Ејс“ во моментот на пожарот. Тој рече дека клиентите погодени од инцидентот се контактирани од нивните дилери. „Нашите непосредни мисли се насочени кон 22-те членови на екипажот на трговскиот брод ‘Фелисити Ејс’ кои се безбедни и здрави“, рече Вандезанде.
Не е прв пат производителот да губи товар на море. Кога „Гранде Америка“ се запали и потона во 2019 година, повеќе од 2.000 луксузни автомобили, вклучително и „Ауди“ и „Порше“, потонаа со него.
Некои клиенти го изразија своето разочарување на социјалните мрежи. Еден корисник на Твитер пријавил дека на бродот се наоѓал неговиот Porsche Boxter Spyder. Стандардните модели на возилото почнуваат од околу 99.650 долари.
Портпаролот на американската операција на Lamborghini одби да коментира за бројот на автомобили на компанијата или кои модели се погодени, но рече дека тие се во контакт со бродската компанија за да добијат повеќе информации за инцидентот.
„Фелисити Ејс“ е приближно со големина на три фудбалски игралишта и беше на пат кон пристаништето во Дејвисвил, Род Ајленд, кога беше издаден сигнал за помош поради пожар на една од неговите товарни палуби.
Од средата навечер, сопственикот на бродот организирал влечење на бродот, соопшти морнарицата. Тие планираат да останат на лице место за да ја следат состојбата, не известувајќи дека засега нема забележливи траги на загадување.
Овој брод е регистриран во Панама и е управуван од јапонската бродска компанија „Micui OSK Lines“ (MOL).
„Фелисити Ејс“ може да превезе преку 17.000 метрички тони товар, според Асошиејтед прес, со веројатно илјадници автомобили на него.
Португалската морнарица соопшти дека океанскиот патролен брод останува на лице место за да го надгледува напуштениот брод.
⚓️🔥🚗 Thousands of Cars Including Audis, Porsches Adrift on Burning Cargo Ship
~ Volkswagen Group reports thousands of its cars were being hauled when the Felicity Ace caught firehttps://t.co/VxGSeTGRmB pic.twitter.com/HS0tYixdA7
— PiQ (@PriapusIQ) February 18, 2022