Фото вест: Не престануваме да се сеќаваме и на сеќавањето!


Фото: Б. Грданоски

Во својата долга историја, главниот град на македонија, Скопје, повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал.

Една таква девастирачка катаклизма се случила при катастрофалниот земјотрес во Скопје, на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имало до пет часот и 43 минути. Биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава.

Земјотресот е еден од најкатастрофалните природни непогоди во Скопје и Македонија, со измерени 9 степени по Меркалиевата скала (6,1 според Рихтеровата сеизмичка скала). Траел 20 секунди.

Според службите за идентификација на жртвите на истиот ден, под урнатините животот го загубиле 1.070 граѓани, од коишто 478 мажи, 430 жени и 162 деца.

Секоја година се одбележува овој ден, а 50-годишнината се одбележа со мултимедијалниот проект „Скопје се сеќава“.

Дека Скопје не сеќава, не забораваме ни денес, 12 години по 50-годишнината што се одбележа во 2013 година. На улицата „Македонија“, централната шетачка артерија на градот, која одамна го изгубила тој епитет, сѐ уште стои знаменце кое потсетува дека скопјани одбележувале 50-години од катастрофата.