(Фото) Вечерва започнува меѓународниот фестивал на светлина Skopje Light art district 2021


На вкупно 15 локации, од шалтер салата на Пошта до Градскиот парк, 25 светлосни дизајнери и уметници по четврти пат на Скопје и скопјани ќе им ја претстават магијата на светлосната уметност.

По тој повод се одржа прес конференција на зборуваа градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, директорот на ЈУ Универзална сала и извршен продуцент на фестивалот, Филип Аврамчев и уметничката директорка на SkLAD 2021, Александра Стратимировиќ, кои го најавија почетокот на 4-тото издание на меѓународниот фестивал на светлина, Skopje Light Art District.

„Четвртото издание на Меѓународниот фестивал на светлосната уметност Skopje Light Art District, меѓу скопјани попознат како Фестивалот на светлината, оваа година поради 30 годишнината од македонската независност, симболично започнува на 8-ми септември. Замислата на фестивалот е да внесе малку светлина и боја во секојдневието кое го сите го живееме и да ни ја покаже убавата, шареноликата страна на животот“, изјави градоначалникот Шилегов.

Skopje Light Art District како проект потекнува од ROCK проектот, дел од Хоризонт 2020 програмата на ЕУ, наменета за истражување и иновации, каде градот Скопје е вмрежен и разменува искуства со уште 11 други градови од Европа. Фестивалот црпи директна инспирација од најстариот фестивал на светлосна уметност, Fête des lumières кој секоја година се одржува во Лион, Франција и датира од далечната 1643-та година.