(Фото) Туризмот на респиратор – протест на туристичките работници
„Туризмот на распиратор“, „Ни треба помош сега и веднаш“, „300 туристички агенции ќе стават клуч на врата“, Државата не заборави“, се само некои од пораките кои ги упатија туристичките работници на протестот што се одржа пред Владата.
Како што велат тие засегнати се 5.000 вработени во овој сектор кој е еден од најпогодените поради пандемијаата со КОВИД-19.
– Постоиме со години, некои од нас од осамостојувањето на земјата. Секогаш сме биле партнери на државата, сметаме дека и таа, особено сега, треба да покаже дека ни е партнер. Со даноците што ние сме ги плаќале, државата плаќала администрација, здравство, образование, се. Сега е моментот кога бараме одговорност од оние на кои ние сме им биле партнери во нивните давачки. Сега тие треба да ни бидат парнетри и да ни помогнат да опстоиме, не да профитираме, истакнаа учесниците на протестот.
Според нив, ако државата му помогне на туристичкиот сектор да опстане, ќе им помогне и на останатите дејности во стопанството зашто сите се меѓусебно поврзани.
Субвенционирање на платите од 14.500 денари до крајот на годината со 100-процентно покривање на придонесите, неповратна финансиска помош од 500 евра за фирми до пет вработени и од 1.000 евра за фирми со над пет вработени преку Фондот за туризам според остварен промет во 2019 година, одложување на исплатата на кредитите, ослободување од ДДВ и аконтација до крајот на годината, одобрување бескаматни кредити за сите без никакви услови, а за оние веќе одобрените пролонгирање на грејс периодот од шест на 12 месеци, се само дел од барањата на туристичките агенции од земјава.
За превозниците, пак, се бара наместо 50 проценти, како сега, капацитетот на исполнетост на возилата да биде 70 отсто од седиштата, како и до 2021 година да важи зелениот картон за 2020-та кој е веќе платен, но не и искористен.
Протестот почна во 16 часот во центарот на Скопје потоа учесниците се упатија пред зградата на Владата. На мирниот протест присуствуваат повеќе од 700 луѓе, а следени се и од автобуси, кои на моменти ги вклучуваа сирените.
„Цели пет месеци сме без никакви примања, без никаква можност за одржување на функционалноста на нашите сектори. Доколку државата не ни даде помош, ќе бидеме принудени во наредните денови да ставиме клуч на нашите врати“, велат туристичките работници.
„Сведоци сте на нашата борба за опстојување на нашиот сектор, поради кризата со КОВИД-19, како и барањата кои во повеќе наврати ги упативме кон сите надлежни институции – Министерство за економија, Министерство за финансии, со цел помош на туристичките агенции, водичи, пратители и превозници, но досега останаа неми за нашите апели и ниту еднаш не добивме никаква надеж дека воопшто ќе бидат разгледани”, информираа организаторите.
(Фото: Борис Грдановски)