Фото: Скопје се разубавува за папата
На скопскиот аеродром сè уште нема никаков знак што ќе потсети дека таму во вторник наутро ќе слета, а потоа и ќе има литургија папата Франциск. Затоа, пак, само стотина метри понатаму, односно на вклучувањето на автопатот кон Скопје, исклучително работна атмосфера. Работници ја косат тревата покрај патот и на средишната ограда, а вработените од „Комунална хигиена“ го собираат ѓубрето.
„Ќе работиме и викендов и в понеделник, мора сè да биде под конец за гостите од Ватикан“, дофрлаат работниците.
Машините со асфалт ги пополнуваат дупките по должина на автопатот „Пријателство“, механизацијата е забележлива насекаде.
Околу рутата по која се очекува да мине поглаварот на Католичката црква сè уште доминираат билбордите со претседателските кандидати, но овде-онде може да се најде по некој од папата. И тоа штом стапнете на официјалното градско подрачје. Тука е уште поактивно, екипите на Град Скопје внимаваат на секој детаљ сакајќи да остават што е можно поубава и почиста слика што во вторник ќе биде пренесувана низ целиот свет.
И во Министерството за внатрешни работи владее вонредна состојба. Полицајците ги чекаат три тешки испита за само 72 часа. Најпрво треба да се погрижат денешниот маратон на улиците низ Скопје, на кој ќе учествуваат 13.000 спортисти од целиот свет, да мине во најдобар ред, во недела да обезбедат мирно гласање на вториот круг од претседателските избори, а веднаш потоа ќе бидат одговорни високата делегација од Ватикан да пристигне и да замине без никаков проблем.
„Станува збор за посета од највисок ранг поради што безбедноста мора да биде на највисоко ниво. На задача ќе бидат сите единици, во употреба го ставаме целокупниот капацитет и веруваме дека без грешка ќе ја извршиме задачата“, велат од Министерството за внатрешни работи.
Од полицијата велат дека на слично ниво била и неодамнешната посета на германската канцеларка Ангела Меркел, а од посложените операции го истакнуваат Суперкупот во фудбал меѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед поради гостувањето на неколку илјади проблематични англиски навивачи.
„Но и тука одлично ја извршивме задачата, немаше ниту еден проблем“, потенцираат од МВР.
На плоштадот „Македонија“ се поставува големата бина каде што папата Франциск ќе одржи света литургија, на која се очекуваат петнаесетина илјади присутни. Се поставуваат огради, се вадат некои канделабри и дрвја за да се направи простор за публиката (кои ќе бидат вратени потоа), се бојосува железото од споредните објекти, се зацврстува тлото под фонтаната кај споменикот „Воин на коњ“.
Се средува и просторот околу католичката црква „Пресвето срце Исусово“. Од Јавното сообраќајно претпријатие потсетуваат дека во вторник ќе важи посебен режим на сообраќај што значи и изменет ред и саатница на движење на градските автобуси. Се препорачува тој ден да не се возат автомобили туку да се користат бесплатните автобуси и возови.
Според протоколот, папата пристигнува во вторник околу 8:15 часот на скопскиот аеродром. По свечениот дочек, ќе се упати во претседателската палата на Водно каде што ќе се сретне со шефот на државата Ѓорѓе Иванов, со премиерот Зоран Заев, како и со целокупниот државен врв, цивилното општество и дипломатскиот кор. Потоа, ќе ја посети Спомен-куќата на Мајка Тереза и ќе има состанок со лидерите на верските заедници и средба со сиромашните. Околу 11:30 часот е предвидено неговото обраќање на плоштадот, каде што ќе зборува на италијански, хрватски и македонски јазик. Попладнето ќе има екуменска и меѓурелигиска средба со младите во дворот од катедралата „Пресвето срце Исусово“, како и со свештениците и богопосветените лица. Околу 18:30 часот ќе полета за Рим од аеродромот во Петровец.
На граѓаните што ќе бидат присутни на литургијата ќе им биде забрането да носат експлозивни направи, пиротехнички средства запалки, петарди, факли, „бенгалки“, потоа предмети погодни за повредување и самоповредување, храна и пијалаци во метална и стаклена амбалажа. Не се дозволени ниту сите видови алкохолни пијалаци и чадори, па ни транспаренти и големи знамиња. Организаторот препорачува храната која ќе се носи да е во хартиена кутија и да се носи мантил заради заштита од дожд ако евентуално заврне.
Додека Светиот Отец минува меѓу присутните, не е дозволено фрлање какви било предмети дури ни цвеќе, а во текот на литургиската прослава не е дозволено ракоплескање. На неговите досегашни посети се покажа дека публиката главно сакаше да прави селфи додека поминува папата.
Горан Адамовски
Фото: Борис Грданоски