(Фото) Шилегов за 1,5 милиони евра купи нова опрема за чистење


Градот Скопје купи четири нови камиони за собирање ѓубре, 570 контејнери и 950 корпи за џебен отпад, во кои пак, нема да може да се фрлаат кеси со отпадоци од дома.

Улиците и тротоарите на главниот град ќе се чистат со нови 12 електрични машини за вакуумско чистење и 10 возила за чистење и миење, а новата опрема ја промовира градоначалникот Петре Шилегов, кој рече дека од утре опремата ќе биде распределена низ градот.

„Од денес започнуваме целосно да го менуваме ликот на нашиот град. Чекор по чекор во Скопје ќе престанеме да гледаме незатворени и преполни контејнери со отпад, кои околу себе шират непријатна миризба и остават впечаток на нечист град. Станува збор за технолошки најсовремени машини коишто се на електричен погон и воопшто нема да го загадуваат воздухот во нашиот град“, рече Шилегов.

Новите контејнери се со капацитет од 3.200 литри со кои ќе бидат заменети повеќе од 1.800 од вкупно 4.500 досегашни стари контејнери, како и 30 контејнери за селектирање на отпад од 2.200 литри. Контејнери се со три пати поголем капацитет од досегашните, а опремени се со механизам за автоматско затворање на капакот, педала за ножно отворање и рачка за отворање.

„Досега не сме употребувале контејнери со овој капацитет. Досегашните анализи говорат дека за собирање на комуналниот отпад на територијата на Градот Скопје се потребни близу 6000 контејнери со капацитет од 1,1 кубни метри. Со употребата на новите 540 садови од 3,2 кубни метри и постоечките 4100 садови од 1,1 кубни метри, доаѓаме до проектираниот потребен капацитет за потребите на нашиот град. ЈП „Комунална хигиена“Скопје и Градот Скопје набавија и четири нови специјални камиони од марката IVECO наменети за празнење на овој вид на садови. Новата опрема ќе придонесе за поефикасно собирање и транспорт на комуналниот отпад, како и за одржување на хигиената и чистотата на јавните површини на градот Скопје“,  изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“Скопје, Абдусамед Шабани.

За да се испразнат овие нови контејнери, потребни се и нови комунални возила, па затоа Градот набавил и четири соодветни кои ќе го собираат ѓубрето од овие контејнери. Возила се опремени со технолошки најсовремен систем за странично собирање на отпадот и со нив празнењето на контејнерите го врши шоферот од самото возило, а тоа значително ќе го забрза, но и че поевтини процесот на собирање комунален отпад.

Корпите за отпад се направени од еластичен материјал и дополнително се заштитени од непрописно полнење со кеси со комунален отпад, а оневзможуваат и растурање на ѓубрето од животни и птици. Од 950-те нови корпи 850 се наменети за џебен отпад, , а останатите 100 се прилагодени и за отпадоци од домашните миленици.

Шилегов ги повика граѓаните да не ги уништуваат новите контејнери и корпи за ѓубре и правилно да го одлагаат отпадот. Најави засилени инспекциски контроли и казни.

„Градот Скопје нема да престане со инвестирање во технички и човечки ресурси за одржување на хигиената, ќе продолжиме со кампања за правилно постапување со отпадот, но и ќе го засилиме инспекцискиот надзор што ќе значи повеќе казни за несовесните граѓани“, рече Шилегов.

Набавката на новата опрема чини 1,5 милиони евра.

Новите контејнери, специјалните камиони за собирање и транспорт на отпадот, корпите за отпадоци и електричните метларки се набавени со заеднички средства на Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“- Скопје, а две возила се од „Комунална хигиена“ и дел од грантот од Светска банка, околу 250.000 евра.