(Фото) Првата дама на „Охридско лето“ во зелена тоалета со неколку слоеви симболика


Вечерна тоалета без ракави во смарагдно зелена боја, која носи во себе неколку слоеви на симболика, но и потсетува на нијансите на езерото избра првата дама, проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска за отворањето на 61. Охридско лето што синоќа се отвори под покровителство на претседателот Пендаровски.

Во услови на намален број на публика, Ѓоргиевска пак блесна ненаметливо, достоинствено, елегантно, во дизајн кој беше посебен дизајнерски и занаетчиски предизвик. Со појас , како на балските фустани, со ситни карнери во V изрезот, како брановите на Охридското езеро, и со испреплетен горен сив дел со асоцијација на охридската калдрма, првата дама стилски му оддаде почит на македонскиот езерски бисер и на целата манифестација која годинава беше во знакот на елегантните дами- од водителката Тања Стојановска, балерината и кореографка Олга Панго, диригентката Бисера Чадловска, министерката за култура Ирена Стефоска и волшебните балерини на сцената во врвна костимографија.

Кога се работи за настани на високо државно ниво, потребна е елеганција и совршена изработка, но и добро да се одмери дозата на модерност и стил кој треба потполно да одговара на персоналитетот на првата дама.

„Независен“ ги доби ексклузивните фотографии на претседателот и првата дама од претседателската резиденција  „Горица“ во Охрид и од свеченото отворање на 61. Охридско лето во Античкиот театар.

Л. Сабит