(ФОТО) Прекини на струја ја предизвикаа хаваријата во Влае – половина Скопје остана без вода


 
Причина за синоќешниот голем дефект на водоводната мрежа во Скопје биле повеќе краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија кај бунарите на Лепенец, информираат од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“.

Прекините предизвикале варијации на притисокот во пумпниот систем, што резултирало со пукање на главната водоводна цевка со дијаметар од 600 милиметри на улицата „Франце Прешерн“ во населбата Влае.

Како последица на дефектот, голем дел од градот – Влае, Ѓорче Петров, Карпош, Тафталиџе, Центар и Аеродром – остана без вода или со значително намален притисок.

Жителите на Влае раскажуваат дека околу 22 часот слушнале силна експлозија и почувствувале тресење на куќите. Првично мислеле дека станува збор за земјотрес, но потоа сфатиле дека се работи за пукната водоводна цевка.

„На улицата имаше огромна дупка, а водата течеше како река. Дворовите и подрумите почнаа да се полнат,“ велат жителите.

Екипите на „Водовод и канализација“ веднаш излегле на терен и го обезбедиле местото со импровизирана бариера, за да спречат дополнителни оштетувања или несреќи. Работите за целосна санација на дефектот започнаа утрово.

Од претпријатието соопштуваат дека, и покрај сериозноста на дефектот, успеале да обезбедат алтернативен доток на вода преку цевковод од другата страна на Вардар, па водоснабдувањето постепено се стабилизира.