(Фото) Пожар во гаражите на „Ист гејт мол“, евакуиран трговскиот

Посетителитесе упатиле во гаражите во подземните паркинг нивоа, каде што избувнал пожарот, за да да ги спасат автомобилите


Попладнево избувнал пожар во трговскиот центар „Ист гејт мол“ во Скопје. 

Пожарникарите пристигнаа во трговскиот на влезот во Скопје, на местото на поранешниот Саем, по што целиот трговски беше евакуиран.

Но, посетителите место да избегаат низ вратите за излез, се упатиле во гаражите, односно подземните паркинг нивоа, каде што избувнал пожарот, со цел да ги спасат своите автомобили. 

Посетителите се пред трговскиот, чекаат да се смири ситуацијата и да стигнат до своите возила кои ги оставиле во едно од трите нивоа на паркинг. 

Околу „Ист гејт мол“ се забележува чад.

Паркингот во Ист гејт има четири влеза, а капацитетот му е 2.000 возила. Со оглед на тоа дека е викенд, повеќето места се зафатени.

Ова е само еден во низата инциденти во овој трговски, откако претходно се поплави, па имаше пукање, па и пожар кога се запали една од сендвичарите во делот за храна.

Како што информираат од МВР, во 18.45 часот настанал пожар во патничко возило „фолксваген поло” со скопски регистарски ознаки, сопственост на Х.А. (62) од скопското село Кондово.

– Пожарот бил локализиран. Повредени лица нема, се вели во соопштението од МВР.

Согласно утврдените процедури на трговскиот центар за ваков тип на ситуации, како што информираат од трговскиот центар „Ист Гејт Мол“, биле активирани системите за заштита од пожар и вработените во трговскиот центар беа евакуирани, а како резултат на навремената реакција на службите нема повредени лица.

Од Пожарна информираа дека интервенирале со едно возило, по пријава од посетители на молот.

– Завршена е интервенцијата. Станува збор за опожарено едно возило. Службите во „Ист Гејт“ веќе почнале да го гасат. По реакција од посетители, испратено е едно возило со шест пожарникари, информираа од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

По увидот на надлежните служби, трговскиот центар, како што информираат од „Ист Гејт Мол“, продолжил да работи со редовно работно време до 22 часот.