(Фото) Почна реконструкцијата на „Орце Николов“ – потесен коловоз, паркирање во „џебови“, патека за велосипеди…


Фото: Б. Грданоски

Почна долгонајавуваната реконструкција на „Орце Николов“, една од најфреквентните улици во центарот на Скопје, која, кога ќе заврши, за околу три месеци, треба да донесе сосема поинаков квалитет на сообраќајните решенија за возачите, велосипедистите и пешаците.

Една од најважните новини ќе биде стеснувањето на коловозната лента од сегашните седум на шест метри, но затоа ќе е добијат велосипедски патеки и повеќе простор за пешаците, кои во сегашната состојба беа речиси целосно запоставени. 

Исто така, значајно ќе се промени и начинот на паркирањето долж улицата, па наместо сегашното запоседнување на тротоарите, ќе биде во таканаречени „џебови“, паралелно со коловозните ленти и помеѓу постојните дрвја. Ова ќе резултира со помалку паркинг места, па општинските власти ќе треба да најдат решение и за овој горлив проблем, но погодностите за пешаците и велосипедистите ќе бидат големи.

Според информациите од Општина Центар, бројот на паркинг места ќе се намали за околу 40 возила, но тоа ќе се надомести со монтажен паркинг со капацитет за 296 возила, кој ќе се гради зад Општината.

Инаку, градежните работи на улицата „Орце Николов“ започнаа вчера и ќе биде реконструиран коловоз во должина од 1.026 метри. Според планот, улицата ќе се реконструира во шест фази, со цел да нема голем застој во сообраќајот.

Првата фаза, која е во тек, е од булеварот „Св. Климент Охридски“ до улицата „Ленинова“, каде што според планот е предвидено да се изгради и кружен тек. Оваа делница од вчера е надвор од сообраќај, па возачите скршнуваат или кон „Илинденска“, или кон „Партизанска“, за што делот каде што „Ленинова“ беше еднонасочна, сега е овозможен сообраќај во двата правци.

Реконструкцијата, очекувано, донесе уште поголеми проблеми за возачите, не само на „Орце Николов“, туку и на околните улици, а особено на „Илинденска“ која сега е уште пооптоварена. Надлежните апелираат на трпение бидејќи крајниот исход ќе биде поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот. 

По завршување на оваа фаза за триесетина дена, ќе се премине кон втората фаза – до улицата „Наум Наумовски-Борче“, во третата фаза ќе се работи до улицата „Мирослав Крлежа“, четврта фаза е до улицата „29 Ноември“, петтата до „Алберт Ајнштајн“ и шестата до улицата „Рузвелтова“. 

Инаку, во изминатиот период се работеше на дислокација на надземната инсталација, која сега е под земја. Целосната реконструкција на „Орце Николов“ се очекува да заврши до средината на јули. (Фото: Борис Грданоски)