(Фото) Никнува цел туристичко-рекреативен комплекс на Козјак


Туристичко-рекреативниот центар „Козјак“ ќе се гради во непосредна близина на главниот град на државата и ќе опфаќа површина од 45,3 хектари. Се наоѓа западно од селото Нова Брезница, на околу 5 километри. И за него дознавме откако се појави информација дека приватен инвеститор гради ресторан со придружни содржини, во заштитеното подрачје „Јасен“.

Токму недостигот на официјални информации е тоа што го прави случајот чуден. Се гради цел комплекс насред повеќенаменско подрачје, заштитено со посебен закон, но институцијата надлежна за него, ЈП „Јасен“, нема информации. Иако станува збор за место важно од одбранбен аспект, ниту Министерството за одбрана не знае ништо повеќе. Општината Сопиште, која знае сè, вели само дека е предвидена изградба на ресторани, сместувачки капацитети од тип на бунгалови и спортски игралишта. И дека според ДУП-от било предвидено 70 отсто од оние 45 хектари да биде зеленило. Урбанистичкиот план го изготвило Министерството за транспорт и врски, со согласност од „Јасен“, МЗШВ, МЖСПП и Министерството за култура, се огласи општината.

 

Ниту градоначалникот Стефче Трпковски не сака да открие во овој момент повеќе. Во телефонски разговор ни рече дека е доволно ова што досега се знае, а дека ќе излезат со комплетна информација кога ќе има свечена промоција на комплексот.

„Наскоро ќе се постави камен-темелникот. Во меѓувреме, ги оставаме луѓето да зборуваат и да прават бесплатна реклама. Сите проблеми се решени“, ни одговори градоначалникот на Сопишите на прашањето како е решен проблемот со водата, кој го има и ближното село Нова Брезница. И за еколозите, клучно е надлежните инстанци да информираат за активностите.

„Од досегашните информации со кои располагаме, градежната парцела, а и целиот рекреативен центар ‘Козјак’ се наоѓа во рамки на простор со кој стопанисува ЈП ‘Јасен’, а кој спаѓа во категоријата посебни природни предели. Согласност за урбанизација е дадена во 2009 година, но и тогаш со напомена дека туризмот кој тука би се развивал би бил во поглед на традиционалното сточарство, па така тешко дека ресторан со придружни објекти би можел да се вброи во таква категорија. Уште во тоа мислење, особена важност е дадена на начинот на третирање на фекалните води, но и водоснабдувањето на идните објекти. Недозволиво е ‘ЈП Јасен’ да не е во тек со случувањата, односно последен пат да е контактирана во 2009 година, а одобрението да е издадено во 2017 година. Притоа се даваат паушални изјави за стопирање на градба, без притоа да се има увид во проектната документација. Прашање е и дали Општина Сопиште воопшто побарала мислење од ЈП ‘Јасен’ пред издавањето на градежната дозвола, со оглед дека од истото ЈП тврдат дека првпат слушаат за овој проект. Исто така, Општина Сопиште треба да даде информација дали воопшто е изработена студија или елаборат за заштита на животната средина во рамки на барањето за одобрение за градење. Во заеднички интерес и на јавноста и на самата Општина е точно да извести што и како е планирано да се гради, односно како течела постапката при добивање на ова одобрение за градење, но и какви се плановите на Општината и што сè е предвидено во рекреативната зона ‘Козјак’“, велат од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.

 

Зошто урбанизација токму во заштитено подрачје, треба да одговорат повеќе институции. Исто така, треба да одговорат треба ли Македонија да остане без национални паркови и која е воопшто поентата да се прогласуваат заштитени зони ако не се заштитени, т.е. се на удар на градби. Дотогаш, колку што има негативни мислења на „Фејсбук“ против уништувањето на можеби единственото природно катче во околината на Скопје, толку во селото Нова Брезница има приврзаници за негова изградба.

„Зошто да не“, вели Стојан Марковски кој од 1992 година се вратил и живее во селото. Стојан се лути на викендашите кои ги запоседнуваат ледините во месноста Рудина, не затоа што палат скари, се спуштаат до Козјак и ловат риба, туку затоа што зад себе оставаат многу ѓубре, пластични кеси.

„Веројатно ресторанот ќе има решение за отпадот, а и сигурно ќе бидат заинтересирани околината да им биде чиста. Уште ако најдат решение за проблемот што го имаме со водата, нема зошто да сме против ресторанот. Ќе заживее местово“, смета дедо Стојан.

И Илија Трпески се радува на комплексот, затоа што ќе има каде да оди кога ќе му дојдат другарите од Скопје.

„Сигурно ќе вработат некого. А и доста е што ќе има каде да се отиде на пиво. Оти во селово нема каде да се излезе“, вели тој.

Вработени во „Јасен“, чии родители живееле во Нова Брезница, тврдат дека токму локацијата каде што ќе се гради комплексот била спорна од аспект на денационализација.

„Неколку семејства бараа да им се вратат стари имоти. Изнададоа пари а ништо не им беше вратено. И сега таму ќе се гради. Тоа треба да се испита“, велат тие.

Анита Салтировска

Фото: Б. Грданоски