(Фото) Како Ѓорѓиевски и Ристовски кришум „се мушнаа“ на „Визер скопскиот маратон“


 

Отворањето на „Визер скопскиот маратон“ во неделата од страна на Орце Ѓорѓиевски, кој е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, предизвика бурни реакции во јавноста, поради очигледната партиска злоупотреба на спортската манифестација со долга традиција. Во оваа постапка тој имаше поддршка и неговиот сопартиец, министерот за спорт Борко Ристовски.

Подоцнежното објаснување дека Ѓорѓиевски, како актуелен градоначалник на Кисела Вода бил лично поканет од министерот Ристовски „заедно да го означат“ стартот на „Визер скопскиот маратон“, бидејќи се одржува под генерално покровителство на Министерството за спорт е прилично тенко, бидејќи по таа логика, попрво требаше да биде поканета сѐ уште актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, или министерот Панче Тошковски, со оглед дека МВР се јавува како ко-организатор на оваа меѓународна манифестација.

Она, пак, што е уште покарактеристично, е начинот на кој Ристовски и Ѓорѓиевски влегоа во оградениот простор наменет за учесниците на маратонот. Како што тоа го покажуваат фотографиите на „Независен“, наместо тоа да го направат достоинствено од каде што е главната бина, тие безмалку се „мушнаа“ кришум на настанот, во делот каде што беше местот за финишот на трката, поместувајќи ја железната ограда за влезат.

Инаку, „Визер скопскиот маратон“ годинава имаше рекорден одѕив – повеќе од 14.000 тркачи од 58 земји низ светот.

(Фото: Независен.мк)