(Фото/Видео) Локализиран пожарот во кругот на „Треска“, се утврдува како настанал
Противпожарната бригада, како што соопшти Општина Центар, го гаснеше пожарот со десет возила

Пожарот во кругот на поранешната фабрика „Треска“ во центарот на Скопје е локализиран и речиси целосно изгаснат, благодарение на брзата реакција на надлежните, информира градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, кој излезе на терен, изврши увид и помагаше при гаснењето на пожарот.
Противпожарната бригада, како што соопшти Општина Центар, го гаснеше пожарот со десет возила, а Општинскиот кризен штаб, заедно со градоначалникот Герасимовски и со екипите на Црвениот крст им даваа поддршка на пожарникарите.

„Заедно со екипите на Општина Центар остануваме на терен, а кризниот штаб во состав од претставници на МВР, инспекциските служби на општината и противпожарна служби веднаш одржа состанок. Голема благодарост до сите за брзата и ефикасна реакција. Во оваа незгода за среќа нема повредени“, изјави Герасимовски.
Жителите и вработените во околните продавници, додаваат, беа навремено евакуирани, а Герасимовски упати апел до граѓаните додека трае интервенцијата, да го избегнуваат метежот кој се создаде на околните улици.

Пожарот настана во раните попладневни часови, при што кругот на поранешната фабрика за мебел почна да го обвива густ, црн чад, кој потоа се рашири и во поширокото подрачје околу фабриката, а на моменти го затскриваше и Сонцето.
Гореше еден од напуштените објекти. Се претпоставува дека станува збор за дрвена граѓа и пластика.
На местото на настанот се екипи на Противпожарната единица кои што со повеќе противпожарни возила интервернираат и го гасат пожарот. Според достапните информации, нема повредени.
Екипа на Независен беше на местото на настанот од каде што се фотографиите и видеата.
Засега нема инфомации што точно гори и од што е предизвикан пожарот.
Набрзо по избувнувањето на пожарот, во кругот на поранешната фабрика „Треска“ дојде и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој рече дека не се знаат причините за пожарот и дека тоа ќе го испитаат надлежните институции.

Горат објекти на просторот кај поранешната фабрика „Треска“ – потврдија од Противпожарната единица Скопје.
(Фото: Независен)