(Фото) Голем одрон на патот Скопје-Велес, поплави во Крушевско
Голем одрон го отежнува сообраќајот на патот Скопје-Велес. Граѓани објавија и фотографии од одронот.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Покрај тоа, од 18:05 часот, поради излевање на Црна Река кај село Бучин во Крушевско, е прекинат сообраќајот на локалните патни правци:
- с.Бучин – Д.Хисар
- с.Бучин – с.Обршани
- с.Бучин – с.Трноци
Од 18:15 часот е воведена и забрана за движење на товарни возила на патниот правец Струга–Ќафасан, со цел заштита на возачите и избегнување несреќи.
Дополнително, патниот правец Пробиштип–Леговец е затворен за сообраќај во двата правци од 18:30 часот поради сообраќајна незгода и вршење на увид.
Министерството за внатрешни работи презема сите мерки за отстранување на пречките и нормализирање на сообраќајот, а апелот до граѓаните е: да ги почитуваат сообраќајните правила и поставената сигнализација, задолжително да поседуваат пропишана зимска опрема, да возат внимателно, особено во критични и поплавени подрачја
Ситуацијата се следи континуирано и јавноста ќе биде навремено известена за сите промени.