(Фото) „Балканкан“ се врати по 20 години под отворено небо: Дали нешто се сменило на Балканот?

Урбано Скопје синоќа се собра на специјална проекција под ѕвездено небо на „Rooftop Open Air Cinema“ во Скопје Сити Мол, во чест на јубилејот– 20 години од премиерата на култната македонска црна комедија „Балканкан“ во режија на Дарко Митревски.

На настанот присуствуваше дел од филмската екипа, актерите Владо Јовановски, Ѕвезда Ангеловска, Ирена Ристиќ, Емил Рубен, ѕвездите од К15 – Васко Тодоров и Бранко Огњановски, сценографот на филмот Бујар Муча, костимографката Жаклина Крстевска, менаџерот на локации Роберт Јазаџиски и Зоран Ристески, продукциски менаџер, како и пријатели на филмот, и многу јавни личности од македонската сцена.

Денис Харви од Variety, за премиерата од 2005 година напиша дека “Сценаристот-режисер Дарко Митревски ги поместува границите… Циничното, халуцинаторно, модерно „Патување на Аџијата“ е патување исполнето со меморабилни секвенци кои несомнено ќе му дадат култен статус меѓу авантуристички настроените синеасти.”

Македонскиот филм во италијанска копродукција, кој го следи животот на македонски бегалец кој патува низ Балканот за да ја пронајде својата свекрва која е завиткана во тепих, со импресивна актерка екипа од регионот (Бранко Ѓуриќ, Никола Којо, Сека Саблиќ, Миодраг Кривокапиќ…), и по 20 години, не насмеа и не растажи, со своите комични и трагични ситуации. Филмот вешто ги прикажува апсурдите и трагикомичните аспекти на животот на Балканот, кои се уште опстојуваат. Значи, на Балканот ништо ново, како одговор на насловот на текстот. Препознатливата музика е на Кирил Џајковски и Дарио Марианели. Заразната насловна тема на филмот, „Баба Зумбула“, за која беа ‘виновни’ Кирил Џајковски и Влада Дивљан (слава му!) се уште ја потпевнуваме.

Режисерот Митревски кој веќе 18 години живее и работи во Лос Анџелес и чиј филм ги урна сите рекорди на гледаност и обедини актери од Македонија, Србија, Хрватска, Босна, Италија и Словенија со видео порака се обрати до присутната публика од елитната холивудска населба Малибу.

Во видео пораката накусо ја раскажа приказната за македонската урбана легенда за лошата баба завиткана во килим, која е лајтмотивот околу кој, потоа се равива приказната на целиот филм.

„Приказната за бабата завиткана во тепих не ја измислив јас – тоа беше македонска урбана легенда за некое наше семејство на летување во Бугарија. Кога почнав да го подготвувам филмот, тогашната австриска амбасадорка во Скопје ме убедуваше дека оваа приказна не се случила во Македонија, туку на едно австриско семејство во времето на Студената војна во тогаш комунистичката Унгарија. Подоцна запознав и некои шпански новинари, кои пак ме убедуваа дека тоа е шпанска приказна, која му се случила на некое шпанско семејство во Мароко.

За на крај, откако филмот прошета на фестивали и беше дистрибуиран низ светот, да прочитам еден есеј на писателот Габриел Гарсија Маркес кој вели дека постојат приказни кои им припаѓаат на сите народи и за кои сите веруваат дека токму нив им се случиле, па наведува приказна за некоја си баба завиткана во украден тепих која ја слушнал дури во три земји: Виетнам, Аргентина и Русија. Тоа значи дека загубената баба му припаѓа на целото човештво. Единствена разлика помеѓу нивните баби и нашата баба е што нашата има име: се вика баба Зумбула.

И таа баба Зумбула пред 20 години во Македонија беше пославна од Бионсе и Тејлор Свифт заедно. Таа баба на Балканкан му донесе неверојатна популарност и тој стана најгледан филм во нашата кинематографија: со 150.000 илјади продадени влезници и 20.000 илјади легално продадени ДВД примероци“, вели Митревски, додека во позадина се гледа долгата плажа и тиркизниот океан, а потоа неочекувано го сврте ракурсот на камерата, каде се уште се гледат урнатините во Малибу, кој изгоре во страотните пожари годинава и додаде:

„Како едно мало потсетување, гламурот и славата се минливи, нашите животи се минливи – само делата се вечни. И затоа на баба Зумбула и на Балканкан им посакувам да ни бидат вечни и вековити.“

https://www.youtube.com/watch?v=H4j2x9at5RI
По проекцијата, следуваше кратка сесија разговори со дел од актерската екипа, во која беа споделени анегдоти, спомени и емотивни моменти од снимањето. Настанот заврши со коктел под отворено небо – вистинско филмско славење, проследено со неформално дружење.

Јубилејот продолжува! Поради голем интерес на 22 август (петок) во 21 часот, „Балканкан“ ќе биде повторно прикажан на „Rooftop Open Air Cinema“. (Л.С.)