(Фото) Автобусите на ЈСП повторно на скопските улици

Автобусите на ЈСП „Скопје“ од попладнево повторно сообраќаат по улиците на главниот град, откако Советот на Град Скопје со 39 гласови „за“ донесе одлука за субвенции на ЈСП „Скопје“ за 2022 година.
Место планираните 360 милиони денари, со новата измена, ЈСП Скопје од Буџетот на градот ќе добие 506 милиони денари, со што се обезбедуваат пари за плати на вработените до крајот на годината.
Градоначалничката Данела Арсовска, по завршување на вонредната седница, изјави дека е задоволна од одлуката на Советот.

„Уште во текот на денешниот ден, Градот Скопје ги исполни своите обврски, останува Министерството за финансии, трезорот, кога ќе ги префрлат парите. Се надевам дека уште во текот на денот или најдоцна до утре вработените да земат плата“, рече Арсовска.

Таа повика претпријатието поодговорно да се води, но и сите должници да си ги исполнуваат навреме обврските за да можат претпријатијата да функционираат непречено.
„Срамно е што на граѓаните не им беше овозможен превоз, на работниците, пат до работа, учениците не можеа да стигнат до училиште. Прв пат се случува граѓаните да останат без превоз“, обвини Арсовска, потенцирајќи дека плати доцнеле многу повеќе од пет дена, па не се прекинал јавниот превоз.
Прашана дали ќе ја спроведе најавата дека кривично ќе ги пријави оние кои денеска штрајкуваа и ги паркираа автобусите во депоата, таа рече дека ќе ги следи законските норми и дека не може индивидуално да се носат одлуки на штета на граѓаните.