(Фото) Амди Бајрам достоинствено испратен на вечното почивалиште
Покрај апелите да нема масовни погребни церемонии, поранешниот пратеник и лидер на Сојузот на Ромите, Амди Бајарам до вечното почивалиште беше испратен од многу луѓе.
Од неговиот дом, со погребен автомобил, зад кој тргна голема поворка со автомобили, Бајрам беше однесен до гробиштата „Бутел“, а попатно застанаа пред џамијата Амди Паша, што тој ја изгради, каде кусо беше прочитана молитва за покојникот.
Никој не влезе во џамијата, сведочи нашиот фотограф Борис Грданоски, а немало ни собири на луѓе. Поворката достоинствено замина да го испрати Бајрам до неговото почивалиште.
Синот на Амди, Габриел Бајрам, преку Фејсбук апелираше до присутните за придржување до мерките за Ковид-19, да носат маски и да држат растојание.
– Со почитувањето на овие препораки ќе покажеме почит кон нашиот великан и татко, и нема да оставиме можност овој тажен ден за семејството и ромската нација да биде оцрнет – напиша Габриел Бајрам.
Од Управата на градските гробишта „Бутел“ ја демантираа веста дека поранешниот пратеник ќе биде погребан во Алејата на великаните, туку велат неговото почивалиште е во делот на гробиштата наменет за исламски верници.
Амди Бајрам почина вчера во приватна клиника во Скопје. Попладнето беше соопштено дека посмртниот тест на Бајрам покажал дека тој бил заразен со Ковид-19. Неговиот син Габриел во меѓувреме за „Фокус“ изјави дека неговиот татко пред три дена направил тест и истиот бил негативен, а од болницата им рекле дека Бајрам починал од мозочен удар, а не од корона вирус.
Долгогодишниот политичар пред една недела правеше свадба на неговата внука која се одржа во Турција, а на која присуствуваа 600 гости, од кои половината од Македонија.
Директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, доктор Александар Стојанов препорача сите луѓе што од Македонија отпатувале на свадбата да бидат изолирани дома, додека екипите од ЦЈЗ да ги анкетираат и да ги најдат оние што се во висок ризик да бидат заразени со Ковид-19.
– Центарот за јавно здравје во Скопје прави напор за спроведе епидемиолошка анкета на контактите во изминатите денови, но дел од членовите на семејството Бајрам не сакаат да соработуваат – вели за Канал 5 директорот Стојанов.
Во Општината Шуто Оризари денеска е ден на жалост, а Советот на општината одржа комеморативна седница по повод ненадејната смрт на поранешниот пратеник и лидер на Сојузот на Ромите.