Формиран Национален совет за дигитална трансформација на општеството


Славица Грковска (Фото: Б. Грданоски)
На предлог на вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, Владата на денешната а седница донесе одлука за основање на Национален совет за дигитална трансформација на општеството.
Со Советот ќе претседава Грковска, а како членови ќе бидат вклучени министерот за информатичко општество и администрација, министерот за внатрешни работи, министерот за финансии, министерот за одбрана, директорот на Агенцијата за електронски комуникации, како и претставници од Собранието , од бизнис секторот, од банкарскиот сектор и од локалната самоуправа.

Целта на формирањето на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството е планирање, координирање и реализација на активностите потребни за дигитализација на процесите како и ефикасно справување со предизвиците што таа ги носи.

Советот, меѓу другото, во својот делокруг на работа ќе планира и предлага иницијативи и оперативни планови за дигитална трансформација на општеството, ќе учествува во изготвување на предлог-план за оптимизација на внатрешните процеси, ќе дава предлог мислења, совети за редизајнирање на административните постапки, поедноставување на електронски услуги кон граѓаните и бизнис услугите, ќе воспоставува рамка за стандардизација на државните системи, ќе учествува во градење на капацитети за заштита на државните системи итн.

Дигиталната трансформација на општеството е еден од стратешките приоритети на Владата, која ја препознава потребата од дигитализацијата како предуслов за брз економски напредок и развој, што во исто време е и потреба и на бизнис секторот. Дигитализацијата е неопходна за брз економски раст и напредок на секоја компанија, процесот подразбира употреба на дигиталната технологија за промена на бизнис-моделите и зголемување на конкурентноста на пазарот.