„Форбс“: Кинеските електрични автомобили ќе доминираат на глобалниот пазар


Во Кина се произведуваат електрични автомобили со врвен кавлитет: моделот „Xpeng P7“

Електричните автомобили произведени во Кина ќе доминираат на глобалниот пазар, предвидува  американското бизнис списание „Форбс“,  наведувајќи дека Кина држи чекор со западниот свет кога станува збор за производството на ваков вид возила, па дури во некои сегменти и го надмина.

Во најбројната земја во светот во 2019 година имало 2,58 милиони електрични автомобили, во Европа 970.000 и 880.000 во САД, наведува Меѓународната агенција за енергија.

Покрај тоа, Кина има најголем број станици за полнење на батериите на возилата во однос на остатокот од планетата, а тој број се зголемува и претставува 82 отсто  од вкупното зголемување на бројот на вакви станици во светот.

Во оваа земја се произведуваат електрични автомобили со врвен кавлитет и тие станаа многу конкурентни на пазарот, што може да се потврди од примерот на моделот „Xpeng P7“, што е сличен на „Моделот 3“ на „Тесла“.

Моделот „P7“ од нула до сто километри на час забрзува за само 4,7 секунди и има многу атрактивен дизајн, а неговата цена е 36.000 долари.

Ова не е единствениот кинески електричен автомобил што е конкурентен со оние од остатокот на светот, бидејќи има и други модели кои се натпреваруваат во другите автомобилски сегменти.

Пониската цена, поквалитетниот и попривлечен дизајн не се единствените предности на кинеските автомобили, но има и други фактори што ги прават се поконкурентни, а еден од нив е фактот дека Кина е најголем производител на литиум во светот – ресурс потребен за производство на батериите.