Фон дер Лајен од Приштина: Косово да формира ЗСО, а Србија „де факто“ да го признае
Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, по средбата со косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека Косово треба да го прифати нацртот на Заедницата на општините со српско мнозинство, додека Србија да го прифати „де факто“ признавањето на Косово.
Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со Османи рече дека изразила сочувство за убиениот косовски полицаец во Бањска на 24 септември и нагласи дека ваквите напади се целосно неприфатливи и дека сторителите мора да бидат изведени пред лицето на правдата.
Претседателот на ЕК рече дека Косово бележи постојан напредок, особено во зајакнувањето на демократијата преку реформи, но дека има уште многу работа. Таа посочи дека интеграцијата во ЕУ бара нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и дека Косово треба да формира Заедница на општини со српско мнозинство.
„Сите овие работи, чекори напред и успеси можат да се случат само доколку Косово и Србија ги нормализираат своите односи. Има одредени области во кои двете страни треба да се ангажираат, да соработуваат и го повикуваме Косово да започне процедура за прифаќање на Заедницата на општините со српско мнозинство, додека Србија да прифати „де факто“ признавање на Косово“, потенцираше. Фон дер Лајен.
Зборувајќи за планот на Европската комисија, таа рече дека економиите на земјите од Западен Балкан мора да се доближат до европската економија, потсетувајќи дека веќе постои план вреден 30 милијарди евра за инвестиции во Западен Балкан, како што е изградбата инфраструктура. Таа посочи дека ЕУ сака да помогне во удвојување на приходите на економиите на земјите од Западен Балкан во следната деценија. Урсула Фон дер Лајен ја презентираше информацијата дека економијата на Косово е 27 отсто од просечната вредност на економијата на ЕУ и дека има многу работа.
Претседателот на Косово, Османи, рече дека е важно да се подобри статусот на Косово како земја кандидат на декемврискиот состанок на Советот на ЕУ.
„Косово сега е подготвено за следниот чекор за кој работи секојдневно, целосна интеграција во евроатлантските институции. За иднината во ЕУ и НАТО тоа не е само цел, тоа е основниот мотив што го формира моќното делување на нашите институции“, потенцира Османи.
Таа ја нагласи важноста ЕУ да ги отстрани казнените мерки против Косово, бидејќи косовските институции презедоа чекори за одржување нови избори на северот на Косово. Османи посочи дека Косово е решено да го почитува својот Устав, кој им дава поголеми права на малцинските заедници отколку во другите европски земји.
Претседателот на Европската комисија е во четиридневна посета на Северна Македонија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.