Фон дер Лајен: Иднината на ЕУ е незамислива без Западен Балкан, Украина и Молдавија

Иднината на Европската унија е незамислива без Украина, Молдавија и Западен Балкан, кој не може да се предаде на влијанието на Русија или Кина, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Мадрид.
„Да се обидеме да замислиме како ќе изгледа Европа за неколку години. Може ли да ја замислиме Европската Унија без Украина, Молдавија, Западен Балкан и другите делови од Европа кои се под влијание на Русија или Кина? Невозможно!“, рече фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со шпанскиот премиер Педро Санчез.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, заедно со мнозинството од еврокомесарите допатуваа во Мадрид на средба со шпанската влада која го презема ротирачкото претседателство со ЕУ.
„Насоката на патот е јасна и затоа треба да почнеме да размислуваме како да ја обединиме Европа така што и овие држави ќе станат дел од Европа. Ова се суштински решенија што е потребно да ги преземеме“, рече претседателот на Комисијата.
И шпанскиот премиер Санчез изјави дека „проширувањето е секојдневно на дневен ред “ и дека ЕУ треба да одговори на прашањето како се гледа себеси по десет години. Посочи, дека е неопходно да се разговара за прашањата за институционалните реформи, ресурсите, општата земјоделска политика, кохезиски фондови и сл. Санчез рече дека Европската унија треба да биде „пофедерална“. „Навистина верувам дека треба да одиме во пофедерална Европска унија, треба да споделиме повеќе политика, повеќе суверенитет и воопшто одговори на заедничките предизвици“, рече Санчез и додаде дека Унијата веќе го покажала ова со заедничкиот одговор на пандемиите и на војната во Украина.