Фон дер Лајен го поздрави прекинот на огнот меѓу Иран и САД
Брисел– Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека го поздравува примирјето меѓу Иран и САД.
„Го поздравувам двонеделното примирје за кое САД и Иран се согласија синоќа. Тоа носи многу потребна деескалација. Му благодарам на Пакистан за неговото посредништво“, рече таа во објава на социјалната мрежа X.
Како што вели, сега е клучно преговорите за трајно решение на овој конфликт да продолжат.
Претседателката на Европската комисија додаде дека ќе продолжи да се координира со партнерите за таа цел.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф утрово објави дека Иран, САД и нивните сојузници се согласиле на моментално примирје, кое стапува на сила веднаш и ги опфаќа сите конфликтни зони.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека по разговорите со пакистанското раководство, се согласил на примирје меѓу САД и Иран во период од две недели.
Кратко откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат двонеделен договор за прекин на конфликтот, иранските власти издадоа соопштение во кое го потврдуваат договорот, наведувајќи дека договорот вклучува „продолжена иранска контрола врз Ормутскиот теснец“.