Фон дер Лајен до Заев: Честитики драг Зоране, ти испиша историја


Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со зборовите „Честитки, драг Зоране, ти испиша историја“, му ја честиташе наградата на германската фондација „Фридрих Еберт“ на македонскиот премиер за 2020 година доделена за човекови права.

Наградата на Заев денеска во Берлин му ја врачи германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас. Заев разговараше со германскиот министер за Европа, Михаел Рот, а во фокусот на разговорите беше утрешниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ, на кој би требало да се разговара за преговарачката рамка на земјава со Унијата и очекуваното вето од Бугарија.

Заев, како претседател на СДСМ денеска се сретна и со копретседателот на Социјалдемократската партија на Германија, Норберт Валтер Борјанс. Според соопштението на СДСМ двајцата лидери разговарале за справувањето со пандемијата од Ковид-19, процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, како и за соработката меѓу двете земји.

Борјанс ја реафирмирал заложбата на Германија за забрзување на интегративниот процес на Северна Македонија кон ЕУ, а средбата ја искористил и да упати честитки до Заев за наградата на Фондацијата „Фридрих Еберт“.