Финската Влада го повика парламентот да го усвои Основниот договор за НАТО


 Финската Влада денеска соопшти дека го повикала Парламентот формално да го усвои Основниот договор за НАТО, за да ја подготви земјата за членство во воената алијанса кога Унгарија и Турција ќе го одобрат барањето.

– Нашиот напредок кон членството во НАТО е важен за нас Финците, но и за членките на НАТО, рече министерот за надворешни работи Пека Хаависто на прес-конференција.

Финска и соседна Шведска аплицираа за членство во мај како одговор на руската инвазија на Украина, но нивните барања зависат од одобрението на 30 членки, од кои 28 веќе потврдија.

Унгарија очекува да даде зелено светло во февруари, а Турција ги обвинува двете нордиски земји дека засолнуваат милитанти кои ги бара Анкара и вели дека треба да се направи повеќе пред да им биде одобрено членство.

Во мај, 188 од вкупно 200 пратеници го поддржаа барањето, со само осум гласа против.

Просто мнозинство во парламентот ќе биде доволно за да се одобри договорот за НАТО бидејќи не бара итни промени на постојното финско законодавство или овластувања за одредување на надворешната и безбедносната политика, според Министерството за надворешни работи.