Финската премиерка доби поддршка за НАТО и побара преговорите со Македонија да започнат веднаш

Финска целосно го поддржува проширувањето на ЕУ, но Сана марин не одговори директно што мисли за францускиот предлог. Го премолчи


Многу ни значи вашата поддршка за членството на Финска во НАТО, рече премиерката Сана Марин (Фото: Б. Грданоски)

 

Ако некому не му беше јасно зошто финската премиерка Сана Марин дојде во Скопје на неколку дена пред самитот на ЕУ и десетина дена пред самитот на НАТО во Мадрид, на прес-конгференцијата беше објаснето – да добие поддршка за членството на нејзината земја во Алијансата. Марин тоа и го доби со недвосмилената изјава на нејзиниот домаќин, премиерот Димитар Ковачевски, кој не остави никаков сомнеж дека Македонија го поддржува барањето на Хелсинки и верува дека со членството на Финска ќе се зајакне европската безбедност, особено по руската инвазија на Украина.

За возврат на оваа поддршка Марин го изјави она што од Финска го кажуваат подолго време – дека Македонија и Албанија треба веднаш да ги почнат преговорите со ЕУ, но не одговори директно на новинарското прашање каков е ставот на нејзината влада за францускиот предлог.

„Финската позиција е многу јасна, ние сме за проширувањето и нашата позиција во врска со Северна Македонија и Албанија е многу јасна – сакаме да се случува напредок, сакаме да ги видиме двете земји како стануваат земји членки на ЕУ во иднина и треба на напредуваме на тоа прашање“, рече Марин. Таа нагласи и дека е одговорност на ЕУ да се осигура дека ситуацијата нема да остане замрзната.

Фото: Б. Грданоски

„Треба заедно да дискутираме за прашањето со Бугарија и да се осигураме дека ќе ги имаме насоките од сега па натаму по кој пат треба да се движат. Неделава ќе имаме состанок каде ќе дискутираме за статусот на Украина и Молдавија, мислам е важно да се дискутира за сиутацијата со Западен Балкан и да се осигураме дека сите прашања ќе бидат решени. Наша одговорност е да се осигураме дека веќе нема да има проблеми“, рече Марин.

Таа уште рече дека Финска е меѓу најголемите поддржувачи на проширувањето во ЕУ: „Сакаме да ве видиме како дел од ЕУ и сакаме сите да се движиме напред“.

Одговарајќи на прашањето на новинарите што мисли за предлогот на преговарачката рамка, Ковачевски нагласи дека таа треба да биде мултилатерален документ за пристапување кон ЕУ, а „билатералните прашања да се решаваат билатерално. Се надевам дека земјите-членки на ЕУ ќе усвојат мултилатерален документ“.

Според Ковачевски, фамозниот протокол што толку се споменува не е ништо друго освен протокол за понатамошните чекори за спроведување на Договорот за добрососедство и од страна на Бугарија и од страна на Македонија. „Тоа е во надлежност на МНР“, рече Ковачевски. За дел од тој протокол се разговараше за време на посетата на министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска, на почетокот на јуни кога беше опожарена вратата на бугарскиот клуб во Битола. Тоа подоцна го потврди и македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи, велејќи дека се разговарало за формата и роковоите, а не егзактните одредби во протоколот.

Што се однесува до приемот на Шведска и Финска во НАТО, Сана Марин рече дека двете земји ќе ја направат алијансата побезбедна. „Сакам да им оддадам почит на нашите односи, особено зашто треба да бидеме сојузници во НАТО. Ова ќе биде важен чекор за сите нас и за билатералните односи меѓу двете земји. Северна Македонија е цврст поддржувач на политиката на отворени врати на НАТО“, рече Марин, нагласувајќи дека во Финска и Шведска ја ценат вредноста на сојузништвото.

Димитар Ковачевски изјави дека билатералните прашања треба да се решаваат билатерално (Фото: Б. Грданоски)

Според финската премиерка важно е во оваа ситуација НАТО да биде обединето околу поддршката за нивното членство.

„Русија ја промени безбедносната средина на Европа и мора на нашите граѓани да им покажеме колку е важно да сме обединети, цврсти и одлучни. Тешката ситуација со Русија потенцираше дека тесните национални интереси мора да бидат тргнати настрана за доброто на целата Европа. Важно е преговорите да почнат сега. За нас Северна Македонија е позитивен пример за активен и конструктивен член на меѓународниот поредок“, рече Марин.

Ковачевски од своја страна истакна дека членството на Финска во НАТО значително ќе ја зголеми безбедноста во евро-атлантскиот регион, особено регионот на високиот Север и Балтикот.

„Уверен сум дека оваа посета е првата од многубројните. Северна Македонија ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО, отворено ја поддржавме иницијативата на Шведска и Финска да станат членки на НАТО, се надевам на што поскоро членство и на двете земји. Нашата влада уште во мај даде согласност за прием на Шведска и Финска во НАТО“, рече Ковачевски. (Н.В.)