Финците, Унгарците, Турците се жолта раса: Во учебниците од кои учат нашите деца препишани текстови од Википедија


Нема крај на грешките во учебниците. Ако петтоодделенците учат дека Монт Еверест е висок 29.000 метри, а Македонија на запад граничи со Бугарија, осмоодделенците учат дека Финците, Унгарците и Турците се жолта раса, пишува Фактор.мк.

Откако до редакцијата на Фактор стигнаа низа реакции од родители кои велат дека ова е сосема погрешно, порталот разговараше со наставничка по географија, веќе во пензија, Стојанка Вуксановиќ, која направила истражување, конкретно за Финска и која вели дека Финците се бела раса.

Искусен наставник доколку смета дека има нелогичности во наставниот материјал, не предава како што е напишано во книгата. Не смее да им се пренесе погрешно знаење на учениците. Голем дел од нас, просветниот кадар, не сме научни истражувачи, но, ако видиме дека постојат грешки, како на пример дека Монт еверест е висок 29.000 метри, секако дека на учениците ќе им укажеме дека во учебникот има погрешна информација. Што се однесува конкретно до расите, за ова се потребни подетални истражувања. Така на пример, она што јас го направив во моето истражување, конкретно за Финска, тие воопшто не се сметаат себе си за жолта раса, напротив тие се бела раса. Во високоразвиените земји воопшто и не станува збор за учење за расите. Кај нив се учи само од која националност е некој, односно која му е етничка припадност, вели Вуксановиќ за Фактор.

Истовремено пак, родителите на учениците од VIII одделение кои први укажаа на содржината во учебникот по географија, а кои припаѓаат на генерациите основно одделение во периодот пред осамостојувањето на Македонија, велат дека вакво нешто никогаш не учеле.

Спомнатиот учебник, односно текстовите внатре како да е препишан целиот од Википедија, која секако не е релевантен извор на податоци. Но, сепак ако ги споредите фотографиите од учебникот и она што го пишува на Википедија, ќе видите дека текстовите се исти.