Финансиска поддршка за авиокомпании што ќе воведат нови авиодестинации

Авиокомпаниите кои што ќе воведат нови дестинации ќе добијат финансиска поддршка, најавија денеска од Владата по одржаната седница. Заа цел, како што се вели во соопштението до медиумите, Владата преку Министерството за транспорт и врски, во следниот период, ќе распише јавен повик за доделување финансиска поддршка за авиокомпании коишто ќе воведат нови авиодестинации за граѓаните.
Овозможувањето патувања до дополнителни одредишта во Европа и во светот ќе значи и отворени можности за економски развој, унапредување на туризмот и запознавање и соработка помеѓу граѓаните и бизнис секторот од нашата држава и од други држави, посочуваат од Владата.
На седницата била разгледана и усвоена Информацијата во врска со потребата за донесување Програма за определување средства потребни за доделување финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија на домашни и странски превозници, за периодот од 2023-2025 година. На седницата е донесена Програмата, како и Уредба за начинот и критериумите за доделување финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници и потребната документација којашто треба да се достави од страна на корисниците на финансиската поддршка.