Филозофскиот факултет вели дека најавената реформа ќе предизвика проблеми во образованието

Предложената реформа на образоавнието ќе донесе сериозни проблеми во процесот затоа што таа не содржи финансиска конструкција, ниту пак се дадени на увид резултатите од претходните истражувања и анкети. Вака наставно-научниот совет на Филозофскиот факултет ја оценува најавената реформа на образованието што ја предложи минисрката за образование Мила Царовска. Филозофскиот факултет вели дека во предложената реформа има методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не соодветствуваат на воспитно-образовната и општествената реалност во државата. Потоа, за факултетот е неприфатливо спојувањето на историјата со другите хуманистички науки.
Филозофскиот факултет усвои четири заклучоци со кои се спроитвставува на најавената реформа. Во нив, меѓу другото, се вели:
„Спојувањето на предметот историја кој припаѓа на хуманистичките науки со група на предмети од општествените науки, претставува неприфатливо минимизирање и игнорирање на незаменливото и витално образовно значење на историјата. Наспроти предложената интеграција на предмети, факултетот смета дека истите исходи може да се постигнат преку интеграција на цели како концепт.
Нацрт-концепцијата предлага холистички пристап кон наставните содржини во кои неприродно се споени теми од општествените науки (социологија или граѓанско образование), хуманистиката (историски науки) и природните науки (географија) без притоа да се води сметка за спецификите на науките и за методологијата на нивното елаборирање во наставни содржини за деца од 6 до 14 години.
Потребно е да се предвиди и овозможи подолга разумна временска рамка за создавање на квалитетна реформа во основното образование во која ќе биде земена предвид комплексноста на сите процеси за натамошна имплементација како и критичкото мислење на сите релевантни фактори, а со оглед на комплексноста на предложените решенија и далекусежните последици што усвојувањето на оваа концепција ќе ги предизвика за севкупниот образовен систем на сите три рамништа (основното, а потем, следствено и на средното и на високото образование)“, се наведува во заклучоците.