Филмскиот хит „Грофот од Монте Кристо” го отвара месецот на Франкофонија во Скопје


Францускиот институт во Скопје, по повод отворањето на Месецот на Франкофонијата 2025, има чест да ве извести и да ве покани на гала филмска вечер, со премиерата на филмот „Грофот од Монте Кристо” (2024), која ќе се одржи в петок, 7 март 2025, во 19 часот, во кинотот Синеплекс – Скопје Сити Мол.

 Настанот свечено ќе го отвори Н.Е. г-дин Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Франција, а по проекцијата следи коктел. По премиерата, филмот ќе се прикажува во „Синеплекс“ на редовниот репертоар, од 8 март 2025.

„Грофот од Монте Кристо“, во режија на Матјe Делапорт и Александар де Ла Пателиер, со Пјер Нинe, Бастиен Бујон и Анаис Демустје во главните улоги, за првпат беше прикажан на минатогодишното издание на Канскиот фестивал, надвор од конкуренција, а има повеќе од 10 милиони продадени билети само во Франција во 2024 година.

 

*

За филмот, француските медиуми напишаа:

„Сцените се нижат пред очите на гледачот, небаре страници од роман од кој не сакаме да пропуштиме ниту една испишана реченица.” (Ле Монд)

 

„Апсолутен успех е оваа нова адаптација на уште еден роман на Александар Дима. Универзална и популарна приказна за одмазда, на која актерите, предводени од Пјер Нине, ѝ даваат вистинска драматуршка длабочина.“ (Ла Воа ди Нор)

 

„Филмот трае речиси три часа, но додека трае оваа приказна, возбудата не спласнува. Исклучителниот актер Пјер Нине е актер-камелеон, Бастиен Бујон, Анаис Демустје и Лоран Лафит се извонредни, а Анамарија Вартоломеј има магнетна привлечност. “ (Ле Паризиен)